
Претседателот на СДСМ Зоран Заев, денеска во Основното јавно обвинителство Скопје даде исказ како оштетен во насилствата што се случија на 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.
– Пред јавниот обвинител ги кажав сите детали кои ги имам во сеќавањето по оние повеќе од два ипол часа тероризирање што се случија во прес-салата на Собранието на Република Македонија. Верувам дека тоа ќе помогне во расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство. Оставам професионалците да го утврдат тоа за какво дело ќе ги товарат напаѓачите, изјави Заев пред ОЈО.
Тој во изјава за медиумите истакна дека нападот бил организиран и оти биле вклучени шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, од кои еден дел ги отвориле вратите на главниот влез на Собранието, а другите и овозможиле на толпата да дојде до прес-салата. Според него, доколку не се случело тоа, можело да се избегне насилството.
– Собранието има пет влеза, демонстрантите се обидоа да влезат само од главниот влез зашто двајца пратеници им ги отворија вратите. На другите влезови челичните шипки и обезбедувањето си го направија своето, рече Заев.
Во скопското Јавно обвинителство денеска исказ треба да дадат и други пратеници од СДСМ кои беа нападнати на 27 април. Во Обвинителството се повикани и пратениците кои беа присутни за време на инцидентот, а вчера исказ даде и пратеникот од ДУИ, Артан Груби.
Пред Обвинителството Заев изјави дека е во контакт со кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов во врска со усогласувањето на текстот на гаранциите за унитарноста на државата кои треба да му бидат предадени.
– Штом таа работа ќе биде завршена, очекувам претседателот да ми го предаде мандатот за формирање влада, рече Заев.
Во врска со локалните избори, Заев рече дека може да се закажат за есенва или идната пролет. Претходно, според него, потребно е пратеничките групи во меѓусебен договор да го усогласат текстот на измените на Изборниот законик кои треба да поминат пред Законодавно правната комисија и Комисијата за политички системи.