
Рускиот претседател Владимир Путин и сирискиот Башар ал-Асад кој е регионален сојузник на Иран, како и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини му честитаа во саботата на иранскиот претседател Хасан Роухани на повторниот избор за претседател.
Шеесет и осумгодишниот Хасан Роухани, според официјалните резултати објавени во саботата победи во првиот круг од иранските претседателски избори со освоени 57 отсто од гласовите, соопшти изборната комисија при министерството за внатрешни работи.
Рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на иранскиот колега по должност Хасан Роухани на повторниот избори и изјави дека е задоволен што Москва и Тееран и натаму ќе работат на задржувањето на стабилноста и безбедноста на Блискиот исток и во светот.
Сирискиот претседател Башар ал-Асад, исто така, му честиташе на Роухани на победата уште во првиот изборен круг,и вети дека ќе ја продолжи соработката со Техеран, сојузникот на неговата влада во конфесионалната војна во Сирија. Посакувајќи му на Роухани успех, Асад во пораката ја истакна потребата од продолжување на напорите и соработката со Иран поради јакнење на безбедноста и стабилноста на двете земји, регионот и светот.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини вети дека Унијата ќе продолжи да работи на спроведувањето на договорот од 2015 година за иранската нуклеарна програма.
„Иранците силно учествуваа в политичкиот живот на својата земја. Му честитам на претседателот на јасно освоениот мандат. ЕУ е подготвена да продолжи да работи на целосната примена на глобалниот заеднички акциски план за нуклеарното прашања, на билатералниот ангажман, регионалниот мир и исполнувањето на очекувањето на сите жители на Иран“, напиша Могерини на Twitter.
Шест месеци по склучувањето на историскиот договор за нуклеарната програма меѓу Иран и шесте светски сили, ЕУ во јануари 2016 година ги укина економските санкции против Техеран наметнати поради неговите спорни нуклеарни активности. Брисел, сепак, задржа некои санкции под изговор дека се кршат човековите права во Иран.
ЕУ учествуваше во преговорите со Иран кои овозможија постигнување на нуклеарниот договор во јули 2015 година, но укинувањето на некои европски и минимален дел од американските санкции кои ја парализираа иранската економија не доведоа до посакуваните резултати. Поради тоа, Роухани беше силно критикуван од своите противници.
Поддршката којашто шиитски Иран му ја дава на сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој доаѓа од алавитската заедница односно верзија на шиитскиот ислам во борбата против сунитската опозиција и сунитските радикални групации, предизвика нови тензии меѓу Техеран и Западот.