
Египетските власти забранија 21 веб страницата, вклучително и главната интернет страница на катарската сателитска телевизија Al Jazeera поради поддршка на тероризмот.
Агенцијата Reuters објави дека се обидела да пристапи на пет интернет изданија на египетските весници и радиотелевизиски канали, вклучително и на интернет страницата на Al Jazeera и оти сите биле недостапни.
За ваквиот потег немаше официјални коментари. Претставник на Националното регулаторно тело за телекомуникации оваа вест не можел да ја потврди или да ја демантира, но рекол дека „Па што и доколку е вистина, тоа не би требало да претставува проблем“, пренесува Reuters.
Египетскиот приватен телекомуникациски дифузер CBC и весникот Al-Watan цитираат безбедносни извори дека веб страниците, меѓу кои се и некои странски портали наменети за египетските читатели како Masr Al Arabiya, се блокирани поради поддршка на тероризмот.
Два неименувани безбедносни извора рекле за Reuters дека веб страниците се блокриани поради поврзаност со забранетото панарапското исламистичко движење Муслиманско братство коешто изворно потекнува од Египет од 1920-те години, но сега се финансира од Катар.
По остранувањето на првиот египетски избран челник Мохамед Морси, припадник на Муслиманското братство, по масовните протести против неговото исламизирање на египетскиот устав, ова движење од египетските власти беше ставено на листата терористички организации. Каиро го обвинува Катар дека го поддржува ова движење.