Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе допатува во посета на Франција, каде што ќе остане во дворецот Версај како гостин на својот француски колега, Емануел Макрон.
Макрон најави дека главна тема на разговор ќе биде Сирија. Тој изјави дека е спремен да „соработува со Русија“, со цел да се реши кризата во Сирија, бидејќи, како што истакнува тој, војната против тероризмот треба да се интензивира, пренесува ТАСС.
„Треба да се бориме против сите форми на финансиска поддршка на терористите“, рече Макрон на крајот од самитот на Г-7 во Италија.
Елисејската палата претходно соопшти дека Макрон ќе го прими Путин во Версај, резиденцијата на француските владетели каде што ќе биде отворена голема изложба по повод 300-годишнината од посетата на Франција од страна на рускиот цар Петар Велики во 1717 година.
„Изложбата подготвена во соработка со Музејот Ермитаж во Санкт Петербург ќе ја одбележи 300-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Франција и Русија“, соопшти Елисејската палата.
Од друга страна посетата на рускиот претседател на Франција, најверојатно, ќе ги обликува односите меѓу двете земји во наредната година. „Откако Москва го изгуби својот фаворит на француските избори, посетата на рускиот лидер дава можност да се сврти нова страница и да се проба да се воспостават врски со Макрон додека Кремљ се обидува да го пополни големиот јаз во односите со Западот“, оценува Американската агенција.
Путин и Макрон се состануваат по самитот на Г-7 се беше одржан минатиот викенд, во кој односите со Русија беа дел од агендата, а Макрон е првиот западен лидер кој ќе зборува со Путин после самитот.
Кремљ ја поздрави посетата на Париз како можност за Путин и Макрон подобро да се запознаат и да ги разберат меѓусебните ставови за серија спорни прашања, вклучувајќи ја и кризата во Украина, војната во Сирија и односите на Русија со ЕУ.
Макроновиот повик до Путин беше изненадување, поради неговиот остар став кон Русија за време на претседателската кампања, кој беше во спротивност на програмите на некои од неговите противкандидати, меѓу кои и претставничката на екстремната десница Марин Ле Пен и конзервативецот Франсоа Фијон, кои се залагаа за укинување на санкциите кон Москва воведени од страна на Западот поради Украина криза, вели АП.