Заев доцнеше над половина час на првата владина седница

Претседателот на СДСМ и нов премиер Зоран Заев доцнеше четириесетина минути на првата владина седница која требаше да започне во понеделникот во 14 часот.
Невообичаено и вон вообичаената процедура, Заев беше спроведен во салата со посебен партиски протокол. Засега нема објаснување за причините за доцнењето на премиерот на првата седница на неговиот министерски кабинет, како и за непридржувањето до процедурите кои важат за владата.

Дневниот ред на седницата сѐ уште не е објавен. Се претпоставува дека една од точките ќе биде именувањето на кандидатите за функционери од вториот и од третиот ешалон.

За заменичките позиции во министерствата се очекува кандидати да предложат сите партии што влегоа во владиниот состав, како и партиите што влегоа во коалицијата „За подобар живот во Македонија“ што СДСМ ја предводеше на изборите во декември.

Можно е да се разговара и за новиот генерален секретар на Владата, како изборот и на нов директор на Службата за општи и заеднички работи.