Германија го одобри преместувањето на своите војници од Инџирлик

Кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел денеска го одобри повлекувањето на 260-те германски војници од воено-воздухопловната база Инџирлик во југоисточна Турција, потврдија германски владини извори за ДПА.

Трупите поседуваат и воена опрема, како што се, на пример, извидувачки авиони „Торнадо“.

Германските војници се стационирани во базата којашто се наоѓа близу границата помеѓу Турција и Сирија, како дел од борбата против терористичката група Исламска држава. Минатиот месец, Турција поради политичко-дипломатски причини им наложи забрана на германски пратеници да ја посетуваат локацијата.

Преместувањето на трупите веројатно ќе почне месецов, а тие ќе бидат сместени во база во Јордан.