
Турција, којашто се противи на секоја форма на крудска независност, оцени во петокот дека референдумот кој ирачката автономна покраина Курдистан има намера да го организира на 25 септември за тоа прашање претставува „тешка грешка“.
„Мислиме дека организирањето на референдумот за независноста (којшто го најави раководството на ирачките Курди) претставува тешка грешка“, се истакнува во соопштението на турското министерство за надворешни работи.
„Зачувувањето на територијалната целост и политичкото единство на Ирак е еден од темелите на турската политика во однос на Ирак“, додава официјална Анкара.
Турција инаку има добри односи со челникот на ирачките Курди, Масуд Барзани, но остро се спротиставува на секое воспоставување на курдска држава на дел од нејзината територија, како и во соседните држави Ирак и Сирија.
Со таа цел во август 2016 година започна голема воена операција на северот од Сирија, за да ги потисне од својата граница џихадистите од Исламската држава но и да ги спречи сириските Курди, коишто пред две години прогласија автономија во Сирија, да ги обединат освоените области во земјата којашто од март 2011 година е зафатена со граѓанска војна.
Турското противење на независноста на ирачки Курдистан, област којашто според ирачкиот устав од 2005 година е автономна, би можело да го истакне прашањето за воспоставување на курдска држава, на што се противат сите земји во регионот на чиишто територии живеат Курдите.
Ирачки Курдистан главните приходи ги остварува од извоз на нафта, и тоа преку нафтоводот кој води до турското пристаниште Чејхан.