
Иранскиот врховен челник ајатолахот Али Хамнеи изјави во петокот дека нападите во Техеран претходно седмицава во кои 17 луѓе беа убиени, ќа ја зајакнат омразата кон САД и Саудиска Арабија.
Две групи вооружени напаѓачи во средата истовремено го нападнаа иранскиот парламент и мавзолејот на ајатолахот Хомеини, творецот на Исламската револуција од 1979 година со која беше соборен шахот. Покрај 17-те жртви, во нападот беа ранети уште педесетина луѓе.
„Тоа нема да ѝ наштети на решителноста на нашата земја во борбата против тероризмот… Меѓутоа, ќе ја засили омразата кон владите на Соединетите држави и на нивните марионети во регионот, какви што се Саудијците“, изјавил ајатолахот Али Хамнеи во пораката прочитана на државната телевизија по повод погребот на жртвите од терористичкиот напад во средата.
Одговорноста за нападот ја презема ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, којашто шиитите, коишто се доминантни во Иран и мнозинство во Ирак, ги смета за отпадници од муслиманската вера. Организацијата се закани притоа дека ќе следуваат уште непади, а изминатите години Иран неколкупати објавуваше дека неговите безбедносни сили ликвидирале уфрлени групи на споменатата терористичка организација.
Иранските власти во четвртокот објавија дека петте напаѓачи имале иранско државјанство и дека ги регрутирала Исламската држава за да извршат напади во земајта.
Иранската Револуционерна гарда за нападот ја обвини Судиска Арабија и се закани со одмазда. Сунитската Саудиска Арабија, каде што исто така има значителна шиитска заедница а власта е во рацете на кралската династија којашто го практикува вехабитскиот ислам, негираше каква и да е вмешаност во овие напади.