
Неколку актуелни и поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција објавија дека формирале Републички штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ кој има за цел да ја демократизира партијата.
„Сакаме да означиме почеток на една внатрепартиска иницијатива во ВМРО-ДПМНЕ која има за цел да ја разбуди свеста кај нашите сопартијци за итната потреба од суштински статутарни реформи во нашата партија и ќе ја демократизираат и ќе ја вратат назад на нејзините членови. Нашата иницијатива произлезе од желбата на илјадници членови на партијата кои во изминатиот период ги носеа победите на ВМРО-ДПМНЕ а немаа можност да учествуваат во одлучувањето на партијата“, рече Александар Михајловски, член на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Михајловски иницијативата не е никаков обид за разнебитување на партијата.
„Прва цел е измена на статутот со што ќе се внесе демократски дух во партијата. Ние како долгогодишни членови на партијата веруваме дека демократизацијата на партијата е единствениот пат за стабилизирање и враќање на нејзината сила и моќ“, рече Михајловски.