
Тројцата напаѓачи коишто минатата седмица со голема брзина се залетаа со комбе врз пешаци на Лондонскиот мост, планирале да изнајмат камион од 7,5 тони и со него да го извршат нападот, соопшти британската полиција.
Меѓутоа, имало некои проблеми со плаќањето и на крајот се решиле на помало комбе „рено“, објави Скотланд Јард. Со ова возило се залетаа во мноштвото пешаци на Лондон Бриџ, а потоа со ножеви ги нападнаа минувачите на улиците и посетителите на блиските барови во Боро Маркет.
Полицијата прецизираше дека напаѓачите ги врзале 30 сантиметри долгите ножеви за своите рачни зглобови, како и дека во комбето имале молотови коктели.
Според последните податоци, осум луѓе се убиени и речиси педесетина се повредени во нападот. Тројцата напаѓачи беа застрелани од полицијата.
Рано утрото во саботата полицијата соопшти дека уапсила 27-годишен маж осомничен за подготовка на терористички напад во операцијата спроведена во квартот Илфорд, на истокот од Лондон. Ноќта кон саботата, пак, бил уапсен и 28-годишник, во Баркинг, исто така, под сомневања за поврзаност со тероризам.