НБА: Кливленд избегна „чистка“ во финалето

Бранителот на титулата Кливленд Кавалирс избегна да бидат „изметени“, а кошаркарите на Голден Стејт Вориорс го забележаа првиот пораз по 15-те последователни победи во плеј-офот, откако пред своите навивачи во четвртиот меч од финалната серија до четири победи во финалето на НБА лигата победија со уверливи 137:116.

Доколку во минатиот натпревар ја испуштија победата во последните три минути од мечот, овојпат кошаркарите на Кливленд од почетокот до крајот имаа уверливо водство. По три минути имаа водство од 16:5, а првата четвртина ја затворија со 16 кошеви предност. На полувремето имаа предност од 86:68.

Голден Стејт делуваше немоќно и успеа да се доближи само на 11 поени заостанување. Сепак водат со 3-1 во победи и во вторник наутро по македонско време во Окленд имаат можност да ја освојат титулата.

Најдобар кај Кавалирс беше Леброн Џејмс кој оствари „трипл дабл“, односно 41 кош, 10 скокови и 11 асистенции. Брилјираше Кајри Ирвинг со 40 поени, а Кевин Лав додаде 23 кошеви.

Кај Голден Стејт најдобар беше Кевин Дурент со 35 кошеви, а солиден беше и Дрејмнонд Грин со 16 поени и 14 скокови. Стеф Кари и Клеј Томпсон имаа скромен удел, Кари даде 14, а Томпсон 13 кошеви.