Роналдо се подготвува да ги напушти Реал и Шпанија

Еден од најдобрите фудбалери во светот, португалскиот напаѓач на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, сака да ги напушти клубот и Шпанија каде што е обвинет за затајување на данокот, пишува во петокот португалскиот спорстки весник A Bola.

Според „доверливите извори“ на весникот, 32-годишниот Роналдо веќе ја донел одлуката и го прашал раководството на клубот за трансфер.

Шпанското обвинителство претходно седмицава го обвини Португалецот дека затаил данок во износ од 14,7 милиони евра, криејќи ги парите заработени од правата на користење на неговото име во периодот меѓу 2011 и 2014 година. Кристијано Роналдо во меѓувреме изјави дека е „длабоко разочаран“ од обвиненијата против него.

Управата на Реал Мадрид во четвртокот издаде соопштение во кое истакнува дека се уверени оти нивниот играч работел според законот.

Роналдо, кој е најдобриот стрелец на Португалија на сите времиња, е последниот во низата фудбалери во Шпанија, а меѓу нив се и двете ѕведи на најголемиот ривал на мадриските „кралеви“ – Барселона, Аргентинецот Лионел Меси и Бразилецот Нејмар, кои се обвинети за даночни измами.

Кристијано Роналдо дојде во Реал Мадрид во 2009 година од Манчестер Јунајтед, за тогаш рекордните 96 милиони евра. Досега со клубт освои три титули во Лигата на шампионите и двапати беше шампион на Шпанија. Во ноември ланската година го продолжи договорот со клубот до 2021 година.