Во Брисел застрелан маж по експлозија на железничката станица

Белгиските војници во патрола на главната железничка станица во главниот град Брисел „неутрализирале“ едно лице во вторникот по мала експлозија, соопшти портпаролот на полицијата додавајќи дека нема жртви и оти ситуацијата е под контрола.

Полицискиот портпарол не можел да ги потврди извештаите во медиумите дека лицето носело елек со експлозив, а не е јасно дали застреланиот осомничен уште е жив. Рекол, исто така, дека уште е рано инцидентот да биде квалификуван како терористички напад.

Главната железничка станица во Брисел и блиското историско градско јадро, преполни со туристи и локални жители во топлите летни вечери, делумно се евакуирани а полицијата воспоставила безбедносен коридор, изјавил очевидец за Avenir и Libre Belgique. Според него, експлозијата се случила во близина на една од билетарниците.

Брисел е во состојба во засилена претпазливост повеќе од 18 месеци откако следбеници на џихадистичката организација Исламска држава изведоа напади во француската престолнина Париз кога убија 130 луѓе во ноември 2015 година, а потоа изведоа и бомбашки напади на бриселскиот аеродром и во подземната железница во март минатата година кога убија триесетина лица.

„Се случи инцидент на централната железничка станица. Дојде до експлозија околу едно лице. Тоа лице го неутрализираа војниците кои биле на место на настанот. Во моментов многубројни полицајци се на станицата и сѐ е под контрола“, изјавил портпаролот на белгиската полиција.