
Компанија од американската сојузна држава Калифорнија предизвика бурни реакции откако произведе едноделен костим за капење со фотографија на ликот на американскиот претседател Доналд Трамп како мотив.
Костимот со назив „Shocked Trump“ го произведе калифорниската фирма за конфециска облека „Beloved Shirts“. Неговата цена изнесува 49,95 американски долари или 44,87 евра, и не може да биде заменет или да се врати.
Произведен во САД, на костимот за капење е аплицирано лицето на американскиот претседател со широко отворени очи и отворена уста, како да е изненаден.
„Ја следи формата на вашето тело и ги истакнува неговите квалитетни страни“, наведува компанијата.
Во мај оваа фирма го пушти во продажба едноделниот костим со фотографија на машко влакнесто торзо, што доживеа извесен успех, во прв ред на социјалните мрежи.
Најновата креација, исто така, предизвика реакции на интернет, а во вторникот бројни корисници оценија дека сигурно ќе привлече погледи на плажите.