Последниот силен земјотрес во охридско се случил 1911 година, локалните власти советуваат на присебност

Фото: ohridnews.com

Екипи на Институтот зa земјотресно инжинерство од Скопје – ИСИЗ и во вторникот ја продолжуваат обиколката на посериозно оштетените објекти во Охрид, откако вчера 120 пријави за настанати штети биле пријавени во локалната самоуправа.

Изминатата ноќ претставници на локалната самоуправа, на ИЗИС и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје, одржаа координативен состанок со цел да ги договорат мерките кои институциите ќе ги преземат во насока на смирување на граѓаните.

На средбата, како што објави Охрид Њуз, било оценето дека земјотрес од 5 степени бил очекуван во охридското, посочувајќи дека од последниот таков потрес поминале нешто повеќе од 100 години.

Последниот силен земјотрес во охридско се случил во 1911 година кој бил со магнитуда поголема од 6 степени по Рихтер.

Стручњаците упатија смирувачки пораки до граѓаните советувајќи да останат присебни и да не паничат бидејќи објектите кои се градени по 1964 година во земјава и кои ги почитувале одредбите од законите за градба можат да издржат посилни потреси од вчерашниот.

Како причина за земјотресите тие ги посочија тектонските движења на земјените плочи долги околу 20 километри во раседот помеѓу Охрид и Ресен.

Поради тоа, Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје, ќе постави дополнителни мерни инструменти во епицентарот на земјотресите во охридскиот регион кај селото Косел со цел попрецизно да ги следи процесите и интензитетот на потресите, а екипи на ИЗИС ќе ги проверуваат оштетувањата на објектите.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески на синоќешниот координтивен состанок со претставници на локалната самоуправа, на Институтот за земјотресно инжинерство од Скопје (ИЗИС) и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје, истакна дека ја разбира вознемираноста на охриѓани и упати апел за смиреност, посочувајќи дека институциите ги преземаат сите мерки за справување со последиците од земјотресот.