
Северна Кореја објави во вторникот дека успешно тестирала интерконтинентален балистички проектил способен да погоди цели на „секоја точка“ од земјината топка, пренесуваат агенциите.
Ракетата од типот „Хвасонг-14“ достигнала височина од 2.802 километри и прецизно ја погодила целта по летот кој траел 39 минути и прелетала 993 километри, објави севернокорејската државна телевизија. Тестирањето го надгледувал лично севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, пренесува Reuters.
„Пробното истрелување е изведено под најостриот можен агол и немаше никакво негативно влијание врз соседните земји“, било наведено во извештајот на севернокорејската државна телевизија.
Северна Кореја, исто така, соопшти дека досега поседува способност да гаѓа цели во кој и да е дел од светот. Експертите, меѓутоа, врз основа на траекторијата на проектилот проценуваат дека би можела да ја достигна само американската сојузна држава Алјаска.
Јапонското министерство за одбрана соопшти дека проектилот, кој е лансиран во вторникот рано утрото, паднал во Јапонското Море откако ја достигнал крстосувачката височина „многу над 2.500 километри“.
Јужна Кореја претходно обвјави дека ја истражува можноста дека севернокорејската ракета е интерконтинентален балистички проектил (ICBM), додека американската Пацифичка команда тврди дека станува збор за „балистички проектил со среден дострел“, пренесе агенцијата DPA.
Јапонската валда соопшти дека ракетата паднала во Јапонското Море „во областа на јапонската ексклузивна економска зона“, 300 километри од полуостровот Ог во префектурата Акита, како и дека остро протестира поради јасното кршење на резолуциите на Обединетите нации.
Ракетата е истрелана од аеродромот во Пангхјон, околу 100 километри северозападно од севернокорејската престолнина Пјонгјанг. Ова лансирање е последното од неколкуте ракетни проектили кои Северна Кореја започна да ги истрелува од почетокот на јуни, а кои се дел од развојот на ракетата со нуклеарна боева глава со којашто би можела да ја достигне територијата на САД.
Претходно минатата седмица Северна Кореја беше клучната тема во телефонските разговори меѓу челниците на САД, Кина и Јапонија. Челниците на двете азиски земји ја потврдија својата доследност на идејата за Корејскиот полуостров без нуклеарно оружје.