
Германската канцеларка Анегла Меркел и американскиот претседател Доналд Трамп се сретнаа во четвртокот во Хамбург пред самитот на групата Г20, но за содржината од нивните разговори многу малку се дознава.
Разговорите биле посветени на неколку спорни прашања околу кои се поделени челниците на Г20.
Функционери во Берлин не сакале да коментираат дали Трамп и Меркел разговарале за климатските промени, имајќи предвид дека американскиот претседател во јуни одлучи да ги повлече САД од Парискиот договор за климата.
Во текот на едночасовниот разговор Меркел и Трамп разговарале за глобалната закана од Северна Кореја, тензиите на Блискиот исток и судирот на истокот од Украина, рекле функционерите.
Белата куќа, пак, соопшти дека двајцата челници разговарале за „актуелните меѓународни проблеми, вклучително и прашањето за решавање на конфликтот во Украина“.
Се истакнува дека Трамп и Меркел се сретнале „за координација на клучните области посветени на политиката во пресрет на утрешниот самит на Г20“.
„Лидерите разговараа за голем број заеднички приоритети во областа на надворешната и безбедносната политика, вклучително за интензивирање на спроведувањето на договорите од Минск, деескалацијата на конфликтот меѓу Катар и некои од неговите соседи од Персискиот залив и арапските соседи, како из а денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров“ се наведува во соопштението на Белата куќа.
На состанокот присуствувале германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел и американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, како и ќерката на американскиот претседател Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, и двајцата советници на Белата куќа. Присутни биле и главниот советник на Трамп за економија Гери Кон и министерот за финансии Стив Манчин.
Оваа беше третата меѓусебна средба откако Трамп на 20 јануари годинава ја презема претседателската должност. Од тогаш се судрија по темите за одбраната, протекционизмот на Трамп, климата и имигрантите.
Меркел веќе се обиде да ги намали очекувањата од резултатите на претстојниот состанок на врвот, велејќи дека светските челници ги очекуваат „тешки разговори“.