Рот: Македонија тргна во добар правец

На оваа земја и се потребни реформи и помирување. Првите чекори на Владата се во вистинска насока, но потребно е и опозицијата да се вклучи во процесот на нивното спроведување со цел да се напредува на патот на евроинтеграциите за што ја имате поддршката од Германија, порача државниот секретар во МНР на Германија Михаел Рот на денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Оваа држава нема потреба од ништо повеќе отколку што се реформите. Владата си постави сериозна програма за реформи. Јас само можам да посакам тие чекори конкретно да бидат реализирани. Важно е реформите да бидат спроведени во интерес на државата и на нејзиниот народ бидејќи иднината на Македонија е во ЕУ. Во изминатите години многу доверба беше изгубено, а сега мора повторно да се постигне, рече Рот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Рот истакна дека доколку се испорачаат резултати во однос на бараните реформи, како и во однос на градењето на односите со соседите, тогаш Германија ќе биде обврзана да испорача од своја страна.

– Новата Влада воведе мноштво мерки коишто треба да создадат повторно доверба меѓу другото и со Грција, но и со Бугарија. Сметам дека тоа е токму точниот правец Ова долго време беше потребно. Сигурен сум дека македонската Влада и понатаму ќе работи на намалување на тензиите и на градењето на доверба. Доколку се пружа раката за дијалог и јас имам очекување од другата страна тие партнери да ја прифатат пружената рака. Никој надвор од Македонија и надвор од Грција не го разбира спорот кој е комплетно апсурден. Мислам дека треба да оставиме историјата да си остане историја и да одиме кон заедничка иднина. Германија е подготвена доколку тоа се побара да даде поддршка во тој правец. Но, навистина ги ценам сигналите што во моментов се праќаат од овде. Тогаш и ние сме обврзани да ја поддржиме Македонија. Кога зборам ние, не мислам само на Германија, туку и на целата ЕУ. За да се отпочнат пристапни преговори потребен е консензус, истакна Рот.

РОТ И ДИМИТРОВ

Вели дека впечатокот што го има и неговиот оптимизам е на добра основа. – Се надевам дека реформите консеквентно ќе се имплементираат и истовремено во најбрз можен рок се започнат претпристапните преговори. Но, тоа не е само наша обврска и другите треба да си ги преземат своите одговорности, рече Рот.

Министерот Димитров, пак, запрашан за договорот за добрососедство со Бугарија, рече дека се уште е рано да се објават детали од договорот. Нагласи дека има уште три недели до најавената посета на бугарскиот премиер Бојко Борисов и оти претстојат уште некои чекори во рамки на кои треба да се информираат Владата и други политички актери по што и јавноста ќе биде информирана.

– Соопштувањето сега на прецизни формулации може да влијае на консултациите. Она што можам да го кажам е дека и македонската страна и бугарската страна се раководеа од начелото „ако те уништам тебе, ќе се уништам и себе“. Базата за компромис што ја постигнавме е добра основа да се потпише текст што и ние и Бугарија со горда и исправена глава ќе го потпишеме. Тоа беше целта и мислам дека двете делегации ги напуштија преговорите со чувство дека во рамките на околностите направивме максимум, изјави Димитров.

Германскиот дипломат Михаел Рот денеска се сретна и со за европски прашања Бујар Османи, а вчера разговараше со премиерот Зоран Заев. Во Скопје оствари средби и со претставници на граѓанското општество.