
Грчкото Министерство за надворешни работи го повика државниот министер на германското МНР за Европа, Михајл Рот, „да се воздржи од лекции по историја“ кога ги посетува балканските земји.
– Го повикуваме германскиот заменик-министер за надворешни работи, Михајл Рот, да биде повнимателен кога ги посетува балканските земји, да избегнува да се обидува да дава лекции по историја и да го покаже потребното почитување за чувствителноста на неговите европски партнери, стои во соопштение на грчкото МНР.
Реакцијата на грчкото МНР се однесува на изјавата на Рот за време на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров, во која рече дека „никој надвор од Македонија и Грција не го сфаќа спорот, кој е сосема апсурден“.
– Мислам дека треба да оставиме историјата да си остане историја и да одиме кон заедничка иднина, рече вчера Рот во Скопје, што предизвика реакција од страна на официјална Атина.