
Македонија е најголемиот добитник од вчерашниот самит во Трст и од вкупно 194-те милиони евра грант наменет за развој на инфраструктурата во Западен Балкан, земјава доби 70 милиони евра за доизградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка или 46 отсто од вкупната вредност на оваа делница, информира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека владиниот тим е презадоволен од вчерашната конференција и додаде дека ЕУ го препознава реформскиот слух на новата македонска Влада поради што ги доделила средствата од грантот.
Како што кажа, на Македонија за инфраструктурни проекти во изминатите 2-3 години и биле блокирани сите европски грантови и кредити за кои аплицирала и додаде дека постојаните контакти во минатите месец и половина вродиле со плод.
– Затоа цениме дека одмрзнувањето на средствата е резултат на препознавањето на реформскиот слух на новата Влада. Како Влада длабоко тоа го цениме и ја чувствуваме како обврска помошта од 70 милиони евра навистна да бидеме реформски ориентирани и тоа не само заради потребите за пристапување кон ЕУ, туку и за да го подобриме животот на секој граѓанин, рече Анѓушев.
Посочи дека на самитот во Трст шесте држави од Западен Балкан вкупно номинирале проекти од над една милијарда евра од кои 194 милиони биле грантови. Грантот од 70 милиони евра за Македонија, прецизира, е за изградба на вториот дел од железничкото поврзување со Бугарија, односно делот на пругата од Бељаковце до Крива Паланка чија вредност е 152,3 милиони евра. Останатите средства ќе бидат обезбедени од меѓународните институции, односно преку кредити за инфраструктура, најверојатно од Европската банка за обнова и развој.
– Преку поддршката на Коридорот 8, ЕУ сака да прати порака дека како земји на Балканот мораме да бидеме подобро поврзани меѓу себе и оти треба повеќе да соработуваме. Развивањето на инфраструктурата треба да овозможи полесна комуникација меѓу луѓето и стопанствата, потенцира Анѓушев.
Нагласи дека биле направени контакти со Светска банка која била незадоволна што последните 2-3 години воопшто не биле склучени нови договори за изградба на инфраструктура во Македонија, а и тие чија реализација почнала заглавиле во својата имплементација.
– Ние ќе се обидеме да ги одглавиме тие договори и да продолжиме да ги имплементираме. Станува збор повторно за Коридорот 8, но за автопатната мрежа, рече Анѓушев.
Со Светска банка било разговарано и за буџетска поддршка која, како што рече, конечно ќе заврши кај македонските компании. Најави дека за две недели во Македонија ќе дојде делегација на Светска банка за да се разговара за поддршка на извозно ориентираните македонски фирми и за оние кои ќе воведат нови технологии.
Во Трст Анѓушев имал средба со директорот на Европската енергетска заедница Јанез Копач на која се нашла солуција македонските граѓани да имаат евтина дневна тарифа за струја, а Македонија да ги исполни сите стандарди што ги бара ЕЕЗ.
Средба остварил и со државниот секретар во Министерството за економија и финасиси на Франција, Бенџамен Гриво на која е договорено наесен заедно со премиерот Заев да ја посетат МЕДЕФ – француската асоцијација на работодавачи за да се изнајде начин за поголема економска соработка меѓу Македонија и Франција.
Вчера, нагласи, германската канцеларка Ангела Меркел порача дека ЕУ ќе помогне во дигитализација и развој на земјите од Западен Балкан за да се спречи одливот на младите од шесте држави. Хан кажал дека Брисел ги сака државите од Западен Балкан во ЕУ и сака да ги види како членки, а Могерини истакнала дека ЕУ и Западен Балкан си се потребни еден на друг и оти се исправени пред заеднички предизвик да ги реобединат континентите.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески појасни дека вчера во Трст беше парафиран договорот за Транспортна заедница, со кој се предвидува поврзување на сите држави од Западен Балкан со ЕУ преку сите коридори кои се во регионот.
– Тоа го парафираа сите премиери од Западен Балкан со исклучок на БиХ. Беше потпишан и потврден и во натамошниот период треба да биде имплементиран во фази, рече Сугарески.
Прашан зошто е поништен тендерот за регионална гасификација на Македонија, вицепремиерот Анѓушев рече дека на тендерот пристигнала понуда од само една компанија поради што се одлучиле да се преработи и повторно да се објави, бидејќи, како што кажа, учеството на само една компанија на тендер остава сомнеж за коруптивност и за конкурентноста на понудената цена.
– Избор на тендер со само една понуда за мене е извор на прашања за возможна корупција. Јас тоа нема да го поддржам никогаш и ќе сакам поголема конкурентност на сите тендери, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.