Ѓорѓиевски: Судот да одлучува исклучиво според законите и без политички притисоци

ВМРО-ДПМНЕ го охрабрува Апелациониот суд и го потсетува дека тој треба да работи исклучиво по закон и Устав и никако поинаку, зашто судот како репрезент на третата власт не смее да подлегнува и одлучува по сугестии и притисоци, порача во понеделникот Орце Ѓорѓиевски.
Според него, кривичните постапки на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) се во насока уривање на угледот на ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство, и се тенденциозни и целосно политички мотивирани.

„Барањата за притвор за раководството на ВМРО-ДПМНЕ поднесени до Апелација се обид за притисок врз судот да не ги поништи неоснованите одлуки за одземање на патните исправи на истите Мерките за обезбедување присуство побарани од СЈО за раководството на партијата се целосно неосновани, без докази и крајно неаргументирани. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се впушта во бегство, затоа што не сторило ниту едно кривично дело и секогаш работело според Устав и закон“, порача Ѓорѓиевски.

Како доказ за овие тврдења тој го наведе и образложението на првостепениот суд во коешто се појаснуваат мерките за одземање на патните исправи, а притоа не наоѓа и не наведува ниту една причина за одземањето, за што Ѓорѓиевски оцени дека „е очигледно“ оти е донесено под политички притисок.

„Лицата од раководството на партијата се луѓе со дигнитет и интегритет кои уживаат голем углед како во Македонија, така и надвор. Тие поради својата партиска функција често се на патувања, од почнувањата на постапките против нив досега биле неколкукратно надвор од државата и ако сакале да избегаат тоа можеле досега да го сторат безброј пати“, потсети претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓорѓиевски, исто така, заклучи дека на граѓаните и на сите општествени фактори во државата им е „совршено јасно“ дека СЈО работи „под директен диктат“ на СДСМ и оти обвиненијата коишто ги поднесе спомнатото обвинителство се само преповторување на прес-конференциите на премиерот и лидер на СДСМ, Зорен Заев и служат „единствено за оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ и за тоа се служат со сите методи и притисоци“.