Општина Карпош случајот со дивоградбата ќе го води до крај

Општина Карпош, без да го коментира, ќе го почитува Решението на Управниот суд на Република Македонија за времена мерка со која ѝ се забранува на Општината да презема какви било дејствија, сè до правосилно завршување на судската постапка за легализација на објектот гаража на семејството Петковски во Тафталиџе.

Оттаму информираат дека локалната власт, сепак, нема да се откаже од судско разрешување на случајот со отстранување на дивоградбата и постапката ќе ја води до крај, во интерес на заштита на законите и законитоста, на јавното добро и на граѓаните на Општина Карпош.

Ваквата судска одлука за времена мерка со која се „замрзнува“ отстранување дивоградба на територијата на Карпош , од 2005 година наваму е преседан, но и покрај тоа, локалната самоуправа како локална институција целосно ќе го почитува решението на Судот, посочуваат од Општина Карпош.

Овој спор помеѓу општината и семејството Петковски, сопственици на бесправо изградена гаража на улица Букурешка, во јавноста беше обелоденет пред неколку дена, кога случајот со дивоградбата доби и медиумско значење. Група граѓани, со сиболичен перформанс (оставајќи отпечатоци од дланки на ѕидот од гаражата) протестираа портив одлуката на општината за уривање на дивоградбата.

Сопствениците на гаражата, поднеле барање за легализација на гаражата изградена 1964/65 година, уште во 2011 година. После поднесувањето на барањето за легализација  во меѓувреме, гаражата дополнително е доградувана, покриена со салонит и на неа е ставена врата.
Барањето за легализација им е одбиено годинава, врз основа на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, а според кој бесправни  времени објекти, освен времени објекти наменети за домување, не се предмет на легализација, согласно Законот за легализација.

Семејството ја обжалило одлуката, но Министерстовото за транспорт и врски ја отфрлило нивната жалба.

Според  важечкиот Деталниот урбанистички план на местото каде што е бесправно изградена гаражата, се предвидува пристапна патека широка 3,5 метри.