Костовски: СЈО со сите обвиненија и истраги докажа дека се работи за политички нарачки и конструкции кои немаат врска со Уставот и законот

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е политичко обвинителство, управувано од страна на СДСМ, и со сите обвиненија што ги покрена и истраги што ги спроведе, докажа дека сранува збор за политички нарачки и конструкции кои немаат врска со Уставот и законот, а единствено имаат цел да го оцрнат раководството на ВМРО-ДПМНЕ, истакна во петокот Дарко Костовски.

„Прес-конференциите одржани од страна на СЈО беа идентични со партиските пресови на СДС. Обично преџвакување на изјавите на нивниот претседател Зоран Заев, чиј наратив во целост го презедоа. Впрочем самиот Заев уште пред една година, на митинзите си најавуваше дека обвиненија ќе имало и притвори ќе имало. СЈО сега ги реализира нарачаните хајки против ВМРО-ДПМНЕ додворувајќи му се на Заев. Нивниот политички театар обезбедува материјал за медиумите под контрола на СДС за да креираат негативна слика во јавноста за ВМРО-ДПМНЕ. Таквата атмосфера е неопходна додека Заев ги распродава името на државата, името на јазикот, историјата и нацијата. Таквата атмосфера е димна завеса која треба да дефокусира од суштинските прашања, односно граѓаните да ги коментираат политички креираните обвиненија против ВМРО-ДПМНЕ“, рече Костовски.

Ддоаде дека како што минува времето, така на површина сѐ повеќе излегува непрофесионалното, незаконско и необјективно постапување на СЈО.

„Граѓаните го прочитаа СЈО. Веќе секому му е јасно начинот на кој една институција во XXI век во една демократска држава креира политички монтирани случаи без докази, без основна аргументација надвор од сите правни норми и стандарди. СЈО е мрачна страница на македонското правосудство. Граѓаните гледаат дека СЈО е политички инструмент и истите се срамат од него“, истакна Костовски.