ВМРО-ДПМНЕ сака квалитетен договор со Бугарија кој ќе ги решава а не произведува проблемите

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаат квалитетен и добар договор и за Република Бугарија и за Република Македонија, и затоа е потребен договор кој ќе решава проблеми и ќе создаде подобра иднина, а не договор кој ќе создава нови проблеми на нашиот пат кон Европската унија и НАТО, се наведува во соопштението кое во петокот објави пратеничката група на ВРМО-ДПМНЕ.

Во него се наведува дека Нацрт-договорот, за којшто во четвртокот министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека не бил штетен за Македонија, предизвикува сериозна загриженост кај членовите на најголемата пратеничка група во Собранието.

„Доколку договорот е добар, како што тврдат Заев и Димитров, нека го објават веднаш. Граѓаните ќе ги поздрават и ќе им дадат поддршка. Од што се плашат? Дали Заев и Димитров се и самите свесни дека ќе потпишат договор кој што е штетен за државата и граѓаните па затоа тој договор упорно се крие од јавноста?“, прашуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Порачуваат и дека споменатиот Нацрт-договор остане непроменет, како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе сметаат дека зборовите за консензус за стратешки прашања и инклузивност со опозицијата се „само обичен театар за замајување на јавноста“ и и притоа истакнуваа дека одговорноста за штетните одлуки ќе биде само врз Зоран Заев, Никола Димитров и СДСМ.

„Ние нема да даваме алиби на завршени работи за кои со нашиот збор не се менува ништо. Договорот што го подготвуваат Димитров и Заев ќе биде добар само за Бугарија, а многу штетен за Македонија. Затоа во Бугарија политичарите се фалат со него, а затоа во Македонија тој се крие од јавноста“, се вели во соопшенеито.

Потсетуваат дека претходно седмицава, откако имаа увид во Нацрт-договорот за добрососедство, изнесоа во јавноста пет забелешки за коишто сметаат дека се од суштинско значење за овој договор.

„Зоран Заев и нам и на целата јавност ни соопшти дека договорот може да претрпи промени пред потпишувањето, но министерката за надворешни работи на Бугарија соопшти дека договорот е веќе затворен. Прашуваме кој лаже?! Зоран Заев во македонското Собрание или госпоѓа Захариева пред бугарската јавност?“, прашуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие сметаат дека македонскиот народ, како засебен и конститутитвен народ во Република Македонија, мора да биде споменат во овој договор.Кога станува збор за третирањето на македонскиот јазик во споменатиот договор, исто така, сметаат дека треба да биде споменат како јазик со своја посебност, независно од неговото спомнување во Уставот на Република Македонија.

„Мора да се почитува членот 49 од Уставот на Република Македонија којшто ја предвидува уставна обврска на државата да се грижи за Македонците надвор од држвата“, се порачува во соопштението.

Се појаснува, исто така, дека предложиле фразата „заедничка историја“ да биде заменета со нова поширока фраза, при што ќе бидат истакнати и дел од заедничката регионална балканска историја и дел од посебните истории на Македонија и Бугарија и на македонскиот и на бугарскиот народ.

„Последна и суштинска забелешка којашто ја дадовме по однос на овој договор се однесуваше на забележителната асиметрија на правата и обврските на двете договорни страни во договорот, а на штета на Република Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Истакнуваат дека историјата на Македонија, но уште повеќе нејзината иднина, не им припаѓаат само на СДСМ, Заев и Димитров, туку на сите граѓани.

Токму затоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат договорот да биде јавно разгелдан пред да биде потпишан, затоа што по потпишувањето ќе биде завршена работа и потоа Собранието на Република Македонија не може да го менува, зашто нема такви уставни надлежности.

„Дебатите и дискусиите на оваа тема откако ќе биде потпишан овој договор нема да бидат од корист бидејќи Република Македонија веќе ќе мора да го почитува тоа што е потпишано како договор. За Република Македонија како држава ќе биде пораз доколку биде потпишан текст каде што не се признава македонскиот народ како засебен и конститутивен народ во Република Македонија. Македонија мора да чекори кон ЕУ и НАТО врз база на европски цивилизациски вредности. Балканските средновековни аспирации се само тегоба за целиот регион. Македонија не смее да биде нивна жртва“, порачуваат на крајот пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.