
Решавањето на проблемите на граѓаните е врвен приоритет на Владата без разлика која партија е на чело на општината, изјави премиерот Зоран Заев, во четвртокот доцна попладнето на одделните средби со в.д. градоначалникот на Општина Струга, Мустафа Забзун, и со градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески, во придружба на нивните најблиски соработници.
На средбите, на коишто присуствуваше и Министерот за финансии Драган Тевдовски градоначалниците на Струга и Охрид изразија голема благодарност до премиерот Заев, кој, на негова иницијатива, ги покани првите луѓе на двете општини за да разговараат и да најдат решенија за проблемите со кои се соочуваат овие два града, во интерес на граѓаните, известуваат од владината служба за односи со јавноста.
Еден од заедничките проблеми за кои станало збор на оваа средба се проблемите во финансиското работење на двете единици на локална самоуправа кои се соочуваат со хроничното блокирање на сметките на општините, поради долговите кои се создадени од повеќе причини.
Во најголема мера долговите на Охрид и Струга произлегуваат од кумулираните обврски заради ненавременото подмирување на кредитот од Европската банка за обнова и развој, кој во 1998 година го договори тогашното Министерство за трговија за изградбата на колекторот за прочистување на Охридското Езеро, а кое потоа отплатата на овој кредит им го префрли на општините.
Премиерот Заев, кој рекол дека е детално запознаен со генезата на овој проблем, покажал „особен интерес и иницијатива“ за пронаоѓање решение за овие горливи прашања на двете општини.
Во отворената дебата за овие ситуации, во која активно се вклучил и министерот Тевдовски, беа разгледани повеќе опции како излезни решенија, кои во исто време ќе бидат и трајни и нема да создаваат последици за нови задолжувања, се додава во информацијата. Заев изразил подготвеност овие проблеми да се решат многу бргу за да можат двете општини да се растоваат од ова прашање и за да можат без финансиски хипотеки да ги спроведуваат развојните политики за кои и двата града имаат сериозни потенцијали.
Заев на двете средби со в.д. градоначалникот на Струга и со градоначалникот на Охрид, ја најавил подготвеноста на Владата да најде решение управувањето на колекторот за прочистување на Охридското Езеро да биде изземено од надлежноста на општините, бидејќи, како што нагласил премиерот, грижата за ова природно богатство заштитено со УНЕСКО, повеќе не смее да биде препуштено на ризиците од загадување. Покрај тоа што едно такво решение ќе го олесни работењето на општините Струга и Охрид, Заев рекол дека ќе биде подготвен детален проект за негова реконструкција и доградба, за трајна заштита на водите на Охридското Езеро.
Градоначалникот на Охрид, Бакрачевски побарал асистенција на Владата и во поглед на решавање на прашањето на регионалната депонија за отпад. Ова исто прашање било од интерес и на општинската делегација од Струга. Заев истакнал дека и ова прашање е од врвен приоритет како придонес на Владата за поддршка во решавањето на проблемите на единиците на локалната самоуправа, во интерес на граѓаните. Тој соопштил дека, како интервентни, ќе бидат преземени краткорочни мерки, кои ќе бидат само прва фаза од трајното решавање на овој проблем, за кој владата интензивно е во потрага по најдобра солуција, не само за Охрид и Струга, туку за сите плански региони.
Премиерот Зоран Заев на двете повеќечасовни средби, прифатил во најкус можен рок владата и надлежните мнистерства да ги разгледаат информациите за други важни прашања од животот на граѓаните во Охрид и Струга, како и за функционирањето на двете локални администрации. Уште повеќе, нагласил Заев, тој очекува предлози за решенија од раководството на двете самоуправи, бидејки, порача премиерот, тие најдобро ги знаат проблемите. Ветил дека на тие информации и предлози со решенија ќе им биде пристапено одговорно, и дека ќе бидат земени предвид, доколку се во согласност со законските надлежности на Владата.
Заев им порачал на двете делегации на општините Струга и Охрид дека „вратите на Владата се отворени“ за нив, како и за сите други општини и дека во прв план на актуелната влада е интересот и решавањето на проблемите на граѓаните во сите општини, без разлика на тоа која политичка партија е на чело на локалната самоуправа.