
Земјотрес со магнитуда од 4,2 степени по Рихтер ноќта кон саботата ја погодил централна Италија соопшти Националниот институт за геофизика и вукланологија (Ingv).
Сеизмолозите го регистрирале подземниот удар во 4,13 часот, чиј епицентар се наоѓал на длабочина во 14 километри на границите меѓу провинциите Аквила, Риети и Терамо. Станува збор за област во близина на Аматриче, кој практички целосно разурнат во разорниот земјотрес од 24 август минатата година.
Земјотресот бил силно почувствуван во неколку градови, особено во градот Риети. Според информациите од националната служба за цивилна заштита, нема податоци за настрадани и материјални штети.
Земјотрес со магнитуда од 6 степени според Рихтер ја погоди централна Италија ноќта на 24 август 2016 година, кој предизвика штети во три региона: Лацио, Марка и Умбрија. Во стихијата имаше 298 жртви и неколку стотици повредени, а над 3.000 луѓе останаа без покрив над главата.
Повеќе од 45.000 последователни потреси се регистрирани во централна Италија, а оној со магнитуда од 6,6 степени во 2016 година беше најсилниот во последните 36 години.
Во 2016 година во централна Италија се случија три големи земјотреса. Првиот со магнитуда од 6,0 беше регистриран на 24 август, и во него загинаа 298 луѓе. Вечерта на 26-ти октомври во истиот регион се случи серија подземни удари од кои најмоќниот имаше магнитуда 5,9. Утрото на 30 октомври, пак,беше регистриран земјотрес со магнитуда од 5,5 кој предизвика разурнувања во стотина места во четири италијански региони, Марке, Умбрија, Лацио и Абруцо. Сиве овие потреси беа проследени со долготрајни серии моќни афтершокови.
Земјотресот од 30 октомври 2016 година беше најсилниот во Италија од оној во ноември 1980 година во областа Кампанија, во близина на Неапол, кога загинаа 3.000 луѓе. Земјотресот, пак, кој ноќта на 6 април 2009 година го погоди градот Аквила однесе 309 животи, а беше со магнитуда од 5,8. А најмалку 95.000 луѓе загинале во катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 7,1 степени во Месинскиот теснец во 1908 година.
Италија е сеизмички една од најактивните области во светот, особено по должината на планинскиот венец, бидејќи со еден дел се наоѓа на евроазиската а со другиот на африканската тектонска плоча. На италијанските Апенини, кои се протегаат од Лигурија на северозападот па сé до Сицилија на југ, доминираат раседи во Земјината кора, а секој во просек е долг од 10 до 20 километри. Научниците објаснуваат дека сегашната сеизмичка активност со еден вид „растегнување“ на Апенинскиот полуостров од исток кон запад, и укажуваат на тоа дека потресите со различна сила, најверојатно, ќе продолжат.