Наумоски негира дека е вработен во Министерството за култура и најавува тужби

Никола Наумоски реагира во неделата со допис до медиумите во кој негира дека е вработен во Министерствот за култура, од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги навеле ваквите информации бара извинување, заканувајќи се поднесување тужба и барање за отштета.

„Пред неколку дена ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати на прес-конференции и собраниски говори на Емилија Александрова, Димче Арсовски и Антонио Милошоски бев клеветен дека сум вработен во Министерството за култура, односно Владата на Република Македонија. Оваа лага, заедно со пратечки коментари дека работното место сум го заслужил со плукање по поранешната влада, беше причина да упатам допис до партијата со барање за извинување и исправка на наводите. Бидејќи не го направија тоа, ќе се соочат со тужба и барање за отштета.

Сепак, во медиумите сѐ уште кружат написите од овие изјави на ВМРО-ДПМНЕ и затоа молам да ми биде објавен овој демант, особено од медиумите кои ги пренеле овие лаги и клевети“, се вели во дописот потпишан  од Никола Наумоски.

Се наведува уште дека не бил вработен во Министерството за култура, ниту во некоја друга државна институција.

За извесен Никола Наумоски, во минатото претставници на ВМРО-ДПМНЕ посочуваа дека е еден од најгласните водачи на граѓанските здруженија Плоштад Слобода, Распеани Скопјани и Паркобрани и прв братучед на актуелната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, кој наводно во поранешниот период поради ваквите активности добивал вносни зделки.