Заев – Звиздиќ: Македонија и БиХ на дело реализираат регионална соработка што отвора пат кон ЕУ

Посета на владината делегација од Република Македонија на највисоко ниво, со колегите од Босна и Херцеговина, претставува почеток на најавената интензивна соработка меѓу двете земји, како и во духот на развојот на регионалната соработка, потребна за евро-атлантските интеграции на двете земји, беше констатирано на на средбата меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и претседавачот на Советот на министри, Денис Звиздиќ во неделата во Сараево.

Првата средба на премиерот Заев беше со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Премиерот Заев и претседателот Звиздиќ констатираа дека оваа посета на владината делегација од Република Македонија на највисоко ниво, со колегите од БиХ, е почеток на најавената интензивна соработка меѓу двете земји, како и во духот на развојот на регионалната соработка, потребна за евро-атлантските интеграции на двете земји.

„Република Македонија и Босна и Херцеговина денеска на дело ја реализираат преземената обврска за развој на регионална соработка пред Европската унија“ рече премиерот Заев.

На средбата е констатирано дека двете земји немаат сензитивни прашања за решавање и дека односите меѓу двете земји имаат отворен пат за добра иднина преку изразената политичка волја за унапредување на соработката.

Оценето е дека документите за соработка во земјоделството и културата, што се потпишуваат денеска, носат олеснувања за граѓаните во овие области.

Посочено е дека ќе следуваат и чекори во насока на реципрочно признавање на возачките дозволи, влез и излез во државите со лични карти, отворање авионска линија на релација Скопје – Сараево, што ќе придонесе кон значајно зголемување на економската соработка и на туризмот, а со тоа подобрување на животот на граѓаните и економски развој на државите.

Премиерот Заев објасни дека Владата на Република Македонија е исто така силно посветена на итните реформски приоритети, што треба да донесат квалитетен живот на граѓаните и стабилна иднина за државата.

„Планот 3-6-9 на којшто се обврзавме и сите овие чекори што ги правиме за развој на добрососедските односи, очекуваме да ја турне Македонија поинтензивно по патот кон ЕУ и НАТО“, рече премиерот Заев.

Такви чекори презема и БИХ. Владините преставници се обврзаа на активен однос, размена на искуства, институционална поддршка, секаде каде што има услови за тоа.

Премиерот Заев и претседавачот со Советот на министри Звиздиќ оценија дека мултикултурализмот во Република Македонија и во БиХ се покажаа како предност, затоа што и самата Европска унија е семејство на различности кои заедно се развиваат и ги решаваат отворените прашања во граѓански интерес.

На средбата е потенцирано дека и Република Македонија и БИХ имаат добра меѓународна соработка и исти стратешки цели, членство во ЕУ и НАТО. Во таа насока изразена е подготвеност двете пријателски држави да се фокусираат кон агендите во своите држави и на ниво на регионот, со што ќе потврдат дека Западен Балкан е веќе дел од ЕУ.

Македонскиот премиер Зоран Заев придружуван од владина делегација во состав Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крешник Бектеши, министер за економија, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспората, викендов престојува во првата официјална работна посета на Босна и Херцеговина.