Апелација ги одби жалбите на СЈО за „Титаник“

Апелацискиот суд во Скопје на својата веб страница ги објави одлуките по жалбите за мерките за претпазливост изречени од Кривичниот суд за обвинетите во предметот Титаник на СЈО за изборни нерегуларности.

Сите жалби на СЈО и на обвинетите се одбиени како неосновани. За обвинетите во случајот Титаник  меѓу кои поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и поранешните министри за транспорт и врски Миле Јанакиески и за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот шеф на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, СЈО бараше притвор како мерка за обезбедување присуство и за да се онезвозможи да влијаат на сведоци или на други обвинети. Обинетите, пак, на јавните седници во Апелацискиот суд се изјаснија дека не се виновни, оти немаат намера да бегаат и побараа укинување на мерките за претпазливост.

Untitled-15-570x463

Одбивањето на жалбите од страна на Апелацискиот суд значи дека обвинетите во Титаник остануваат на слобода, но им се одземени пасошите и останува обврската редовно да се јавуваат во судот.

Апелацискиот суд досега ги одби сите поднесени жалби на решенијата на Кривичниот суд во врска со предметите на СЈО.