Новиот „Дрим тим“ на ИК на ВМРО-ДПМНЕ е трн во окото на СДСМ

Новоизбраниот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во кој сега членуваат еминентни професори, граѓани и експерти во својата област кои се докажани професионалци, а се доживува како баланс меѓу влијателните и веќе докажани кадри и млади перспективни индивидуалци и професионалци, укажува и на многу претпазливо и насочено селектирање на кадрите коишто во иднина преку постојано присуство на теренот меѓу избирачите ќе работат истовремено и на градењето на личните кариери како политичари и ќе го претстават новиот свеж дух во партијата.

Но, тоа очигледно предизвика страв кај владејачката СДСМ, којашто се обидува да се спротистави со т.н. герила кампања и тоа на едно многу ниско ниво, првенствено пласирана преку социјалните мрежи.

Промените во врвните тела и органи на секоја партија, вообичаено се доживуваат како заземање нов курс на одредената политичка групација. Сепак, кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, тоа не се наметнува како неопходност во овој момент. Затоа што, од една страна партијата не ги загуби вонредните парламентарни избори од 11 декември, туку напротив беше победник, и повторно има најмногу пратенички мандати. А, од друга страна, пак, моментната констелација на домашната политичка сцена едноставно не и’ дозволува на оваа партија, колку и самата да посакува, да ги напушти своите декларирани принципи, во прв ред националниот суверенитет кој очигледно е загрозен од потезите на актуелната власт, преку прифаќањето на т.н. Тиранска платформа, расположеноста за крајна „кооперативност“ во поглед на барањата на Грција, до сегашниот договор со Бугарија.

Станува збор за прашања, кои имајќи ги предвид негативните реакции на јавноста кон споменатите илузии на владата предводена од СДСМ дека за кусо време ќе може да направи значаен неприроден скок во евроатлантските интеграции на земјата, создава голем резервоар од гласачи коишто сега се чувствуваат измамени.

Новиот ИК на ВМРО-ДПМНЕ спој на искуство и нови идеи

Ако се погледне персоналниот состав на новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, може да се увиди дека не станува збор за промени кои одат по линија на „замор на материјалот“, туку дека во прв ред се работи за стратегија за проширување и посеопфатен опсег на обраќање од избирачкото тело. Така партијата на Груевски, очигледно обмислено и со големо чувство прави спој на „теренци“, кои имаат влијание врз најразлични општествени групации, продолжувајќи со градењето на својот имиџ на отворена политичка структура, и по социјална, и по верска и по етничка линија.

Така, на веќе докажаните Милошоски, Попоски, Димовски, Тодоров, Ѓорчев, Ставрески, Наумоф и другите членови на ИК кои практично својата политичка зрелост ја градеа изминатата малку повеќе од деценија, иако од многу млади години се во партиските структури и несомнено придонесоа за привлекување на тогаш младата, а сега веќе јасно профилирана гласачка база, сега им се надоврзуваат скопскиот градоначалник Трајановски и ветеранката Дијана Транталовска кои ќе претставуваат премостување кон традиционалните поддржувачи на партијата, а на кои се надоврзуваат и неколку личности кои се поодамна партиски профилирани, но со своето професионално реноме се влијателни во своите опкружувања, како Стојановска – Стефанова, Лашкоска, Перински, Колариќ.

Особено е интересно што ВМРО-ДПМНЕ со вклучувањето во своето тело прави исчекор и кон граѓанскиот сектор, преку популарниот активист Богдан Илиевски и поранешниот кошаркарски репрезентативец Дејан Јовановски. Исто така, не се заборавени ниту Македонците со муслиманска вероисповед, кои ги презентираат Нермин Теловска, Армен Незири, Сеад Солаковски, но и кон другите етнички заедници во земјата, на пример кон бошњачката која во ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претставува Зекир Рамчиловиќ.

Дефицитот од кадар предизвикува нервоза кај власта

Меѓутоа, токму ваквата насоченоста на ВМРО-ДПМНЕ кон избирачкото тело со внимателна кадровска понуда сега предизвикува голема вознемиреност кај владејачката СДСМ. Од една страна, поради тоа што уште со самите персонални решенија во Владата покажа дека не располага со компетентен кадар. Повторно, како во 1990-те се прави обидот на јаваноста да и’ се подметнат како наводни професионално реализирани персони.

Од другата страна, пак, затоа што набрзо веќе на следниот тест, во октомври на локалните избори, ќе треба да се спротистават со личности кои ќе може да и’ парираат на понудата на ВМРО-ДПМНЕ. А, јасно е дека такви не поседуваат, и засега единствено срамежливо го промовираат кандидатот за скопски Аеродром. И тоа не е резултат на внатрешната борба на амбициите и наводните преваги во кадровските решенија меѓу Заев и Шекеринска, како што сака да се прикаже, туку во прв ред е израз на отстуството на кадар што е ефектот од долгогодишната промашена кадровска политика во редовите на социјалдемократите.

Сега се прибегнува кон стратегијата на т.н. герила пропаганда на СДСМ, која оваа партија координирано ја води на социјалните мрежи, поради јасно неспоредливиот квалитет на своите луѓе со новите лица во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од пропагандата и црната кампања дека новите членови на ИК претходно биле припадници на други политички партии. А, тоа е токму дупката во којашто самите пропаѓаат со ваквите тврдења, оти зошто некој кој веќе би менувал политичка партија не би се одлучил за владејачката, туку би заминал во опозиција.

Во ваквата герила пропаганда се оди дотаму, што се прават диверзии на детски игралишта во општините коишто се водени од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициони партнери, како што беа неодамнешните во скопските Карпош или Аеродром.

Натаму следиме нафрлување оти Груевски ги тргнал сите свои претходни соработници и тои само тој останува во ИК, што претставува апсурдно и брутално потценување на македонскиот гласач, кој и покрај сите надежи на СДСМ покажа дека политички умее да чита со самото тоа што и во декември најмногу се изјасни во поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, Груевски е сеуште рекордер со рејтинг на најпопуларен политичар во Македонија, но и на политичар кому најмногу му се верува. Среќаваме небулози и од типот дека граѓанскиот активист Богдан Илиевски со протестите на граѓанската иницијатива против Тиранската платформа „си одработил“ место во ИК, покажувајќи уште еднаш несфатлива тупавост кога ќе се спореди кои се „невладини“ активисти се улебени во Владата на СДСМ, и без, првенствено себеси да си се постави прашањето зошто популарниот „Бетмен“ се разочарал и своите критички забелешки и кон поранешната и кон сегашната власт се решил да ги замени со вистинско политичко дејствување.

Трагикомично е што сега „ослободениете“ медиуми, исто така, се вклучуваат во оваа подземна кампања изнесувајќи наводни ставови и мислења на анонимни членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се наводно незадоволни од новиот лик на Извршниот комитет на партијата. Проследено со „анализа“ дека оовј потег бил изнуден бидејќи партијата се распаѓала, поради наводниот „голем удар“ што на ВМРО-ДПМНЕ и’ го нанеле т.н. „реформатори“. А, за волја на вистината кога станува збор токму за овие „реформатори“, оние коишто имаат малку подолга политичка меморија може да посведочат колку негативни реакции од вмровското членство предизвикувало токму нивното поставување на позициите од кои цела деценија, ни виновни ни должни кутрите, материјално профитираа.

Можна ли е воопшто споредбата?!

Лица од СДСМ и другите помали партии кои се во коалција со СДСМ по социјалните мрежи плукаат, меѓутоа забележиво е што јавно не се осмелуваат да коментираат, бидејќи во таква дискусија јасно аргумените не би стоеле на нивната страна наспроти тимот на Груевски како спој на искуство и нови идеи, професионализам и посветеност.

Зашто би требало да направат споредба, на пример, во квалитетите и потенцијалите за привлекувања инвестиции меѓу Џери Наумоф со Самка Ибраимовски, ако тоа е воопшто возможно според кој и да е параметар. Или, пак, Христијан Мицковски да биде споредуван со Алекснадар Кирацовски на позициите генерални скеретари на двете најголеми партии во земјата. Ќе ги споредат ли капацитетите и знаењето на Зоран Ставрески со Драган Тевдовски од кого граѓаните како актуелен министер за финансии засега имаат полза во комичната ситуација со видеото во монтипајтоновски стил во кое појаснуваше, поточно се обидуваше да објасни колку што знае што е бруто, а што е нето ДДВ. Или неговото „сакам речам незнам кажам“ обраќање неодамна на собраниска комисија.

Можат ли да го споредат постигнувањата и ефектите од работата на скопскиот градоначалник Коце Трајановски зад кој стојат рекордни проекти и сработено, во историјата на оваа функцијата на главнито град, со кој и да е евентуален кандидат на СДСМ за оваа функција, без разлика дали тоа би бил Андреј Жерновски или, пак, сега споменуваниот Петре Шилегов. Натаму би требало да се спореди она што го тврди, а ништео не понудува Златко Марин, наспроти тоа што Ивица Коневски од Аеродром направи урбанистички најсредена населба, ако некој можеше да се сети како до пред неколку години изгледаше најмладата скопска општина.

Би можело да се прават уште безброј поединечни споредувања на она што како кадар го понудува сега ВМРО-ДПМНЕ и она што СДСМ, ако по утрото денот се познава, може да им го понуди на избирачите.

Но, оти влегуваме во еден предизборен период, секако дека ќе има уште можности за такви компарации, без никому да се одзема желбата или можноста да даде вистинска понуда.