Ѓорчев: Државјаните на РМ треба да бидат приоритет на Владата на Заев, итно да се повлечат стратегијата и акцискиот план за бегалци

Претседателот на собраниската Комисија за труд и социјална политика Влатко Ѓорчев на денешната јавна расправа за Предлог нацрт на Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017/2027 година и предлог нацрт на Национален акциски план за интеграција на бегалци 2017/2027 година, истакна дека приоритет за Владата на Зоран Заев треба да бидат граѓаните државјани на Република Македонија, а не странци.

Ѓорчев посочи дека стратегијата и акциоскиот план ќе влијаат на иднината и врз буџетот на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, но и сите други министерства. Потенцираше дека со акцискиот план се предвидува до крајот на годината да започне 71 проект.

„ВМРО-ДПМНЕ од министерката Царовска и премиерот Заев бара итно да ги повлечат стратегијата и акцискиот план, истакна Ѓорчев додавајќи дека Македонија наместо транзитна зона ќе стане земја домаќин на мегалци и странци од многу други земји. Приоритет треба да имаат граѓаните и државјаните на Република Македонија, многу луѓе и семејства немаат домување, а повеќе од 217.000 бараат работа“, посочи претседателот на собраниската комисија.

Појасни дека трајното доселување ќе направи дисторзија на пазарот на труд и многу млади ќе ја напуштат Македонија, и повтори дека граѓаните на Македонија се оние кои за Заев и владата на СДСМ треба да бидат приоритет.

Во однос на акцискиот план, Ѓорчев истакна и дека за некои од точките во истиот не е појаснето колкави средства ќе треба да се одвојат за истите и праша колку финансиски средства владата на СДСМ планира да потроши за овие проекти.