Најмалку 25 мртви во напад на шиитска џамија во Авганистан

Во напад врз шиитска џамија во западниот авганистански град Херат, административен центар на истоимената покраина, во вторникот убиени се најмалку 25 и ранети се уште 30-ина луѓе, соопштија локалните власти.

Според првичните сознанија на авганистанската полиција, бомбаш самоубиец се разнел во џамијата меѓу верници, додека втор напаѓач однадвор фрлил бомба врз верниците.

„Повеќе од 20 тела и над 30 ранети досега се довезени во болницата“, изјавил за локалните медиуми портпаролот на градската болница во Херат, Рафик Ширзаи.

Некои авганистански медиуми пренесуваат дека бројот носа жртвите се искачил на 33 мртви, како и дека многу од ранетите се во критична состојба.

Засега никој не ја презема одговорноста за овој напад во Авганистан, каде последниве месеци шиитските муслимани од племето Хазара сѐ почесто се цел на екстремните сунитски групи. Во секташкото насилство над оваа заедница, во кое предничи групацијата Исламска држава, убиени се повеќе од 1.700 цивили.

На 24 јули над дваесетина луѓе беа убиени а повеќе од 40 беа ранети во напад со автомобил бомба припишан на талибанското движење во автобус со кој се превезуваа владини службеници во шиитски кварт на авганистанската престолнина Кабул.

Покрај тоа, кон средината на јуни Исламската држава ја презема одговорноста за убиството на десетина цивили во бомбашките напади врз шиитска џамија во Кабул.

Еден од најголемите напади врз прогонетата шиитска етничка заедница Хазара се случи на 26 јуни 2016 година, кога бомбаш самоубиец се разнесе во шиитската џамија Баќир-ул-улум во квартот Дарул Аман во Кабул за време на верска церемонија.

Една година претходно, во масивна експлозии беа убиени 84 луѓе, главно шиити Хазара, во текот на протест на кој од централната авганистанска влада бараа исполнување на проектите за подобрување на животните услови на нивната запоставена покраина.