
Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов денеска во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Договорот, кој е потпишан на македонски јазик согласно Уставот на Македонија и на бугарски согласно Уставот на Бугарија, предвидува поддршка на Софија на евро-атлантските аспирации на Скопје, соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави.
Борисов, кој ја предводи бугарската владина делегација, претходно беше пречекан пред Владата на Македонија со највисоки државни и воени почести.
Во Владата попладнево беа потпишувани и меморандуми за соработка од страна на ресорните министри за транспорт, односно енергетика и економија.
Високата државна владина делегација на Република Бугарија ќе биде примена од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и од претседателот на Собранието Талат Џафери.