Тилерсон тврди дека САД не бараат промена на режимот во Пјонгјанг

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави во вторникот дека САД не работат на соборување на комунистичкиот режим во Северна Кореја и дека во одреден момент би бил подготвен на дијалог со Пјонгјанг.

„Не бараме смена на режимот, не работиме на уривање на режимот, не бараме забрзана реунификација на Корејскиот полуостров, не бараме изговор за испраќање на нашите војски северно од 38-та паралела. Ние не сме ваш непријател (…) но вие претставувате неприфатлива закана и на тоа мораме да одговориме“, порача шефот на американската дипломатија Рекс Тилерсон во изјава за новинарите во Вашингтон.

„Се надеваме дека во одреден момент ќе започнат тоа да го сфаќаат и би сакале со нив да седнеме и да започеме дијалог“, да разговараме за иднината“, додал Тилерсон.

Истакнал притоа дека „услов за преговорите е дека нема иднина за Северна Кореја која би поседувала нуклеарно оружје“. Навестил дека американската администрација ќе продолжи да ја јакне политиката на „мирољубив притисок“ врз режимот во Пјонгјанг, бидејќи, како што се изразил, „нашите други опции не се особено атрактивни“.

Тилерсон, исто така, потсетил и дека Кина „многу јасно“ дала до знаење дека ја споделува истата цел со САД, а тоа е Корејскиот полуостров без нуклеарно оружје. Според него, САД веруваат оти Кина поседува „специјален и специфичен“ однос со Пјонгјанг кој ѝ овозможува да влијае врз Северна Кореја на начин на којшто другите не можат да го сторат тоа.

„Поради тоа, повторно упатуваме апел на Кина да го употреби своето влијание врз Северна Кореја за да се создадат услови за продуктивен дијалог“, рекол Тилерсон.

Северна Кореја минатиот петок го изведе второто тестирање на интерконтинентален балистички проектил од типот „Хвасонг-14“. Според американските стручњаци, Пјонгјанг со ова тестирање докажал дека во моментов е подготвен да погоди поголем дел од целите во континенталниот дел на САД. Таквата процена укажува на зголемената закана којашто ја претставува севернокорејската нуклеарна и ракетна програма, иако Кина и Русија тврдат дека Пјонгјанг сѐ уште не поседува балистички проектили со долг дострел кои би можеле да понесат доволно голема нуклеарна боева глава, но тоа би можело да создаде дополнителен притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп да одговори.

Двајца неименувани американски разузнавачки функционери изјавиле, пренесува Reuters, дека севернокорејскиот челник Кин Џонг-ун сака да развие интерконтинентален проектил за да спречи секаков напад врз неговата земја и да стекне меѓународен легитимитет, а не поради напад врз САД или нејзините сојузници, затоа што знае дека тој потег би бил самоубиствен.