
Македонското музичко трио „Аура“ во четвртокот вечерта во црквата „Света Софија“ во Охрид настапи пред публиката на фестивалот Охридско лето.
Триото „Аура“ го сочинуваат тројца истакнати музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски кои велат дека Охридско лето, особено во црквата „Света Софија“ е настан којшто го очекуваат секогаш со нетрпение.
„Мислам дека синоќа направивме прекрасен концерт. Не можам да бидам скромен, а да не кажам дека и ние како три дека не сме задоволни од нашата интерпретација. Имаше убава атмосфера во ’Света Софија’ . Публиката одлично реагираше на она што ние го подготвивме како програма. Си заминуваме со полни души и ќе го чекаме следниот момент кога повторно ќе свириме на Охридско лето и во прекрасната ’Света Софија’“, рече флејтистот Темков.
Тој и неговите колеги од триото, работат и како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во САД, Франција, Германија, Австрија, Англија, но и на азискиот континент и во Африка. Критиката ги нарекува овие уметници „мајстори на својот инструмент“.
Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови, а често промовира и премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав.