
Американскиот претседател Донадл Трамп ја заостри својата реторика против Северна Кореја во четвртокот велејќи дека оваа земја би требало да биде „многу многу нервозна“ дури и доколку помисли да ги нападен САД или нивните сојузници, откако Пјонгјанг објави дека разгледува план за ракетен напад во близина на американската пацифичка територија Гуам.
„Народот на оваа земја е сигурен. Нашите сојузници се сигурни. И ќе ви го кажам ова: Северна Кореја подобро да размисли што прави или ќе ја снајде неволја како малку која земја во светот“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во Њу Џерси, каде што се сретна со своите функционери за безбедност.
Далеку од ублажувањето на тонот откако во вторникот изјави дека секоја закана од Пјонгјанг ќе биде „дочекана со оган и гнев какви што светот никогаш нема видено“, Трамп рече дека тие изјави можеби не оделе доволно далеку.
„Можеби тоа не беше доволно цврсто. Тие тоа веќе долго време ѝ го прават на нашата земја, многу години. И веќе е време некој да се заземе за луѓето на оваа земја и за луѓето во другите земји“, додаде Трамп.
Запрашан дали ќе разгледува превентивен напад врз Северна Кореја за да спречи нуклеарен напад врз САД, Трамп одговори: „Ќе видиме што ќе се случи“.
„Доколку Северна Кореја дури и помисли на напад врз кој и да е кого го сакаме или го претставуваме, или врз нашите сојузници, или врз нас, би требало да биде многу многу нервозна. Ќе ви кажам нешто. И би требало да бидат многу нервозни. Бидејќи ќе им се случат нешта за коишто никогаш ниту помислувале дека севозможни“, додаде Ттрамп.
Севернокорејските службени медиуми во четвртокот објавија дека до средината на август Пјонгјанг ќе направи план за лансирање на четири ракети со среден дострел врз американската пацифичка територија Гуам и ќе ги претстави на својот челник Ким Џонг-ун кој ќе ја донесе одлуката за натамошните чекори.
Невообичаено деталниот извештај за планот за напад придонесе за продолжување на ескалацијата на тензиите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон откако американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Северна Кореја дела ќе се соочи со одмазда доколку не престане да им се заканува на Соединетите држави.
Севернокорејската службена новинска агенција KCNA ја нарече заканата од Трамп „куп глупости“. „Нормален дијалог не е можен со таков неразумен човек и тука дејствува само апсолутната сила“, наведува агенцијата.
Северна Кореја објави во средата дека „внимателно го разгледува планот за отворање оган врз областите околу Гуам со стратешка балистичка ракето со среден до долг дострел од типот ‘Хвасонг-12’“.
Тропскиот остров Гуам, најголемиот од Маријанските острови во регионот на Микронезија во западниот дел од Тихиот Океан се смета за американска територија од 1898 година. Овој мал остров со само 544 квадратни километри, на кој живеат 160.000 луѓе, се наоѓа околу 2.000 километри од Филипини.
Јапонија изврши инвазија врз Гуам по нападот врз Перл Харбор во 1941 година, но тој е вратен под американска власт во 1944 година и стана голема американска база. Ж
Во понеделникот два американски стратешки бомбардера од типот „B-1“ полетаа од Гуам и го надлетуваа Корејскиот полуостров како дел од „постојаното пристуство“, што зборува за стратешката важност на Гуам. На тихоокеанскиот остров се наоѓа американската воздухопловна база „Андерсон“ во којашто се стационирани стратешките бомбардери од типот „B-52“.
Гуам беше клучен во американската воена стратегија во Корејската војна од 1950 до 193 година, а важен беше и во текот на Виетнамската војна како база за бомбардери упатувани во мисиите во југоисточна Азија.
Жителите на Гуам се американски државјани по раѓање, но немаат право да гласаат на американските избори.