
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска оствари средба со амбасадорот на САД Џес Бејли, на која биле потврдени пораките пренесени на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба одржан на почетокот на месецов во Подгорица, со кои се зацврстуваат евро-атланските перспективи на земјава.
На средбата, како што информираат од владиниот кабинет, биле реафирмирани пораките од билатералната средба на премиерот Заев со потпретседателот на САД Мајк Пенс, дека Република Македонија може да смета на поддршката на САД за членство во Северноатланската алијанса.
Премиерот Заев и амбасадорот Бејли дискутирале и за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка кој го потпишаа Република Македонија и Република Бугарија и, како што се вели во соопштението, оцениле дека истиот претставува основа за проширување и унапредување на постојната соработка на земјите од регионот, како и тоа дека овој договор ги зајакнува напорите на Македонија за побрза интеграција во Европската Унија.
На средбата, исто така, било разговарано и за реформските активностите на новата Влада во првите месеци од формирањето.