
Владата во вторникот донесе одлука за стопирање на владините реклами на комерцијалните радиодифузери и печатени медиуми, билборди и интернет портали, со што комуникацијата со граѓаните ја ограничи на јавниот радиодифузен сервис МРТВ и на социјалните медиуми.
Се поставува прашањето, зошто би се излевале народни пари за презентација на владини соопштенија и сервисни информации на социјални мрежи, кога истите вести од јавен интерес повторно ќе бидат објавени и на македонските медиуми?
Која е ползата владата да плаќа да се рекламира на социјалните мрежи, кога, бездруго ако сака нешто да ди информира граѓаните, тоа може да го направи бесплатно и на социјалните мрежи?
Ако се премости можната злоупотребата и фаворизирањето на јавниот сервис и ако не се спори одлуката владините реклами да одат само на МРТВ, во пазарни услови во кои опстојуваат медиумите во Македонија дефинитивно е спорно зошто пари за реклами и сервисни соопштенија да се одлеваат во буџети на странски компании, а не во домашни.
Каде е тука општествената одговорност на Владата, што се промовира како нејзин примрен постулат?
Неспорно е дека во современи услови, владите ги користат социјалните мрежи за своја промоција, но за тоа постојат многу опции кои бесплатно им се сервираат на интернет корисниците. Не е ништо ново, но, има и еден друг спорен момент.
Имено, се чини дека иако Владата смета дека било подобро информациите за нејзиното работење да ги објавува на социјални мрежи, а не на македонските комерцијални медиуми, тоа е прилично дискриминирачки момент, бидејќи не сите македонски граѓани кои се даночни обврзници на оваа земја се корисници на социјалните медиуми. Што со нив?
Секако, по никоја логика не може да се протне одлуката дека заради наводно политичко влијание врз медиумите, гласот на Владата ќе се „неутрализира“ преку соцојални мрежи.
Нонсенс, што единствено ќе ја поткрепи новата реалност, народните пари наместо за финансиско зајакнувањее на македонските компании, и бенефит на граѓаните, ќе се слеваат во касата на странски компании, сопственици на социјалните мрежи.
Колку и да се сака оваа мерка да се толкува како ослободување на медиумите од евентуалната зависност од власта, дискутабилно дали навистина со тоа ќе се воспостави вистински медиумски пазар, кој би обезбедил финансиска и професионална слобода на медиумите.
Оттаму, се чини дека ова е само уште едне недоброосмислен потег на Владата и само декларативна објава којашто треба да укажува дека новата власт прави чекори во насока на „ослободување“ на медиумите.