Трамп ќе ја објави новата стратегија за Авганистан, веројатно со дополнителни 4.000 војници

Претседателот Доналд Трмп во понеделникот вечерта треба да ја претстави новата стратегија на САД за војната во Авганистан, најдолгиот воени судир на оваа земја и кој веќе претставуваше кошмар за двајца неговите претходници во Белата куќа, а телевизиската мрежа CBS повикувајќи се на свои извори во вашингтонската администрација пренесува дека стратегијата претпоставува испраќање дополнитени 4.000 војници.

Во ударниот термин американскиот претседател Донад Трамп во обраќањето до нацијата веројатно ќе најави скромно зголемување на бројот на американските војници во Авганистан, според препораката на своите високи советници.

Трамп веќе подолго време е скептичен кон американската политика за регионот во кој е Авганистан каде војната трае веќе 16 години. Најави промена на стратегијата веднаш штом ја презема дожноста во јануари и приватно поставуваше прашања дали е мудро да се испраќаат повеќе војници во оваа земја, велат за Reuters функционери од Белата куќа.

„Не победуваме“, изјавил Трамп пред советниците на состанок кон средината на јули и запрашал дали треба да се смени генералот Џон Николсон, командант на американските сили во Авганистан.

Трамп во неделата го заврши двонеделниот одмор во својот голф клуб во Бедминистер во државата Њу Џерси, а одлуката за Авганистан ја донел по долги разговори со највисоките воени и советници за национална безбедност на средбата одржана во петокот во Кемп Дејвид, резиденција на американските претседатели во истоимената база.

Извор од администрацијата за агенцијата рекол дека Трамп „веројатно ќе се согласи“ на „скромно“ зголемување на бројот на американските војници, коишто во моментов во Авганистан ги има 8.400.

Според изворите на CBS, Трамп ќе ја објави новата стратегија на САД во Авганистан и во Јужна Азија, којашто особено „упорно ќе притиска“ на властите во Пакистан да се борат против давањето засолниште на терористите. Телевизијата, исто така, пренесува дека Белата куќа ја разгледува можноста Пакистан да биде ставен на листата земји коишто го спонзорираат тероризмот, скусувајќи го обемот на помошта за оваа исламска земја и нејзиното исклучување од списокот главни сојузници на САД надвор од НАТО. Притоа, американската администрација не исклучува планот да може да биде изменет до обраќањето на претседателот Трамп.

Во неделата портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, потврди дека Трамп во понеделник ќе ја објави новата стратегија за Авганистан и Јужна Азија.

САД ја почнаа воената операција во Авганистан со инвазијата во октомври 2001 година, по терористичките напади 11 септември врз САД со што го соборија екстремниот исламистички режим на движењето Талибан. Меѓутоа, американските сили не уиспеаја да се извлечат од овој жив песок на судирот кој продолжи и во текот на мандатите на Џорџ В Буш и на Барак Обама.

„Преземав хаос и ќе го направиме помалку хаотичен“, изјави Трамп претходно во август на прашањето за Авганистан.

Министерот за одбрана, Џим Матис, изјави дека американската воена присутност е потребна поради заштита од заканата од исламистичките борци.

Авганистанските безбедносни сили со години се борат против талибаните и оваа војна беше голем камен на сопнување и за админситрацијата на Обама кој го зголеми бројот на американските војници за десетици илјади во настојувањата да ги ослаби талибаните, а потоа се согласи драстично да го намали нивниот број.

Американските воени и разузнавачки функционери стравуваат дека победата на талибаните кои контролираат добар дел од покраините и се се посмели во нападите во престолнината Кабул, би им овозможила на ограноците на терористичката мрежа Ал Каеда и на Исламската држава во Авганистан да воспостават бази во коишто ќе се подготвуваат за напади врз САД и нивните сојузници.

Советнокот за национална безбедност Мекмастер и другите заговараат зголемување на бројот на американските војници за 4.000, а другата опција е да се намали бројот на војниците и да се остават помали антитерористички единици и разузнавачки воени служби за изведување специјални операции и директни напади со дронови врз талибаните. Втората опција, според нејзините поборници, чини помалку човечки животи и пари.