ВМРО-ДПМНЕ: Маџир Маало е пример за лажните ветувања на Жерновски

Маџир Маало е пример за лажните ветувања на Жерновски и СДС. Маџир Маало е типичен пример како СДС се однесува со локалната самоуправа, откако ќе ја добие довербата на граѓаните. Маџир Маало преставува срце на општина Центар, која е срцето на Скопје, во Маџир Маало се живее без канализација и без развиена инфраструктура, и тоа во 21 век, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Се наоѓаме во Маџир Маало, во општина Центар, место заборавено од Жерновски и СДС, место кое наликува на сцена од средновековен филм, место каде Жерновски и СДС ветија многу нови проекти и инвестиции, место на кое гледаме дека ништо од ветеното не реализирале, истакна Васко Робовалиев од ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„Жерновски и СДС 4 години по ред ги лажат граѓаните на Маџир Маало. На 24.03.2016 година, Жерновски ветуваше градежна акција „нова пролет, нова офанзива“, во која жителите на овој дел од општината би добиле комплетна инфраструктура, ќе се реконструираа три улици, со водовод, канализација и атмосферско одводнување. Денес година ипол потоа, ништо од ветеното не е ни отпочнато“.

Ги запрашаа Жерновски и СДС дали знаат дека во Маџир Маало голем дел од жителите сеуште користат септички јами и дали ова не е срамота?

-Жерновски и СДС треба да одговорат каде одат 23 милиони евра годишно од буџетот на општината кога ни мал дел од тие пари не се одвоија за решавање на овој горлив проблем на жителите на Маџир Маало. Дали СДС и Жерновски знаат дека во Маџир Mаало дури и при најмал дожд пониските спратови на поголем дел од куќите се поплавени, токму како резултат на недостигот на канализација? СДС и Жерновски се 4 години на власт во општина Центар и немаат направено ништо да го решат овој проблем на маџирмаалци. 4 години во кои проблемите на центарци беа тргани на страна. За ваквата неработа, неодговорност и неажурност на 15-ти октомври центарци ќе му кажат не на Жерновски и СДС и никогаш повеќе нема да дозволат да бидат прелажани од СДС.