
Хаосот што го создава Владата на СДСМ на долг рок ќе предизвика пад на квалитетот на услугите во здравството, а тоа директно ќе го почувствуваат пациентите, порача Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Андоновска посочи дека сѐ уште нема одговорност, ниту од морални причини, за четирите бебиња кои починаа, и оти сите одговорни од власта се кријат и бегаат од скандалот на клиниката за гинекологија, а најмноги оние кои се највисоко во хиерархијата и треба да покажат барем малку доблест.
„Поминаа пет дена откако бевме сведоци на најтрагичниот настан на гинекологија, а на Таравари и Заев око не им трепнува.Скоро цела недела како не се знаат причините и се покриваат работите. Очигледно некој купува време. Како што го криеја скандалот два дена се додека медиумите не го објавија“, рече Андоновска.
Праша дали некој се обидува да состави извештај во кој нема лекарска грешка или нема одговорност за болницата, дали на овој начин ќе се спасуваат министерот за здравсттво Арбен Таравари и директорката на клиниката Викторија Јовановска, како и дали власта „купува време“ за да ги убеди родителите и јавноста дека на новороденчињата „им било пишано“ да починат.
„Колку бебиња треба да ги загубат животите за директорката на Клиниката за гинекологија Јовановска да си замине бидејќи нема капацитет да ја води клиниката, а единствена референца и е пријателството со Зорица Заева? Наместо да работи тоа за кое што зема пари од граѓаните, таа се занимава како да му помогне на пријателот Заев во партиските ангажмани“, праша Андоновска.
Посочи дека Јовановска, Таравари и премиерот Зоран Заев создадоа невиден хаос во здравството и на секаков начин се обидуваат да избегаат од одговорноста. А народот, додаде Андоновска, е уплашен и во неверување, народот е згрозен од неодговорното однесување на СДСМ.
„Хаосот кој го создаде СДС на долг рок ќе предизвика пад на квалитетот на услугите во здравството, а тоа директно ќе го почувствуваат пациентите. ВМРО-ДПМНЕ апелираше и ги прави сите напори да помогне да го разбуди СДС и неговите партиски заспани војници кои целосно заборавија на нивните ветувања и здравјето на граѓаните го оставија во втор план. Граѓаните беа приоритет на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа само на ГАК беше реновирана и беа набавени 11 респираторни машини, 16 инкубатори, 3 вормери, 1 ултразвучен апарат, 1 мобилен рендген апарат, 1 апарат за гасни анализи, 10 перфузори/инфузиомати“, посочи Андоновска алудирајќи на соопштението на директорката Јовановска која се обиде одговроноста да ја префрли врз претходната влада.
Андоновска кажа дека минатата власт опремила најсовремени операциони сали, а во 2013 година беше отворена и петтата операциона сала за минимално инвазивна хирургија опремена со најсовремена апаратура за лапараскопски интервенции.
„ВМРО-ДПМНЕ во рамки на Програмата на Министерството за здравство на Република Македонија за едукација на лекари и педијатри, на ЈЗУ и Клиника за гинекологија и акушерство им додели 5 субспецијализации по неонатологија за педијатри вработени на Одделението за неонатална интензивна нега и терапија и Одделението за новородени деца. Јовановска, Таравари и Заев, наместо да гледаат да го унапредуваат здравството и да ја употребуваат опремата која им ја остави ВМРО-ДПМНЕ, тие креираат страв и неизвесност кај ите граѓани кои имаат потреба од услугите на ГАК“, објасни Андоновска.
Порача дека граѓаните ја гледаат неодговорноста на владата на СДС и без двоумење ќе ја казнат на 15-ти октомври.