Путин: Русија осигури пари за нуклеарните реактори во Унгарија, ќе се градат во 2018-та

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во понеделникот во Будимпешта, во текот на неговата втора посета на унгарската престолнина годинава, дека Русија осигурила пари за изградба на нуклеарните реактори за нуклеарната централа Пакс во централна Унгарија, земја членка на Европската унија и дека работите може да почнат веќе во 2018 година.

Проектот за нуклеарната централа Пакс за производство на електрична енергија добил 12 милијарди американски долари, рече рускиот претседател Владимир Путин. „Работите на локацијата на централата може да започнат на почетокот од следната година“, му кажа Путин на својот домаќин унгарскиот премиер Виктор Орбан. Според сознанијата на медиумите, првиот реактор би требало да биде ставен во функција во 2023 година.

Унгарија на почетокот од 2014 година со Русија договори изградба на реактор со моќност од 1.200 мегавати и реконструкција на двата постоечки реактора, проектот Пакс 2. Деталите од договорот се прогласени за тајна во следните 30 години, при што работите на изградбата ѝ се доверени на руската компанија „Русатом“, а проектот според сомневањата во Брисел го финансира Русија со кредит од околу 10 милијарди евра. Изградбата, според договорот, би требала да започне во 2018 година, а првиот реактор во функција би бил ставен пет години подоцна.

Русија во 2014 година најави дека ќе издвои повеќе милијарди долари за финансирање на државната компанија „Росатом“ за градење на реакторите во унгарската нуклеарна централа.

Путин и Орбан одржуваат блиски односи, што не е многу по волја на Брисел откако Европската унија ѝ наметна санкции на Русија поради нејзината наводна улога во украинската криза, но кои наидуваат на реакции кај некои земји членки кои трпат огромни штети поради рускиот одговор со ембарго на земјоделски и прехранбени производи од ЕУ.

Путин, кој е поклоник на боречките вештини и самиот е носител на црн појас осми дан, во Будимпешта инаку пристигна и за да присуствува на отворањето на Светското првенство во џудо, а поканата за ова Орбан му ја упати во текот на првата годинешна посета на рускиот претседател на Унгарија во февруари.

Во рамките на посетата на Путин универзитетот во Дебрецин ќе му додели почесен докторат во знак на благодарност на улогата којашто руската државна компанија „Росатом“ ѝ го наменила на оваа образовна институција во проектот за изградба на двата нови нуклеарни реактори во Пакс, во близина на Будимпешта.

Унгарија се потпира на увоз на нафтата и природниот гас од Русија, но критичарите тврдат дека проектот за изградбата на реакторите има многу ризици од корупција и ја прави Унгарија уште позависна од руските енергенти.

Во ноември 2015 година Европската комисија покрена постапка против Унгарија поради индиректно склучување договор со „Росатом“.

Европската комисија ја одобри во март годинава финансиската помош за овој проект од кој 80 отсто, односно 10 милијарди евра, ќе го финансира Русија преку заем одобрен за Унгарија. ЕК долго го разгледуваше овој проект за да ја провери неговата економска одржливост и усогласеноста со европските прописи, бидејќи работата е доделена без јавен оглас, а го оспорува слабата унгарска опозиција.

нгарија се согласила добивката којашто ќе ја генерираат проширените капацитети на нуклеарната централа во Пакс ќе ги врати на државата на име поврат на вложувањата односно да се искористат за покривање на вообичаените трошоци на работењето. Добивката нема да може да се користи за реинвестирање во градењето или купувањето на дополнителни капацитети за производство на енергија.

За да се избегне пазарната концентрација Пакс 2 ќе биде правно и функционално одвоено од енергетската компанија „МVМ Group“, којашто управува со нуклеарната централа за добивање електрична енергија. Pокрај тоа, најмалку 30 отсто од вкупно произведената струја Пакс 2 ќе мора да ја понуди на отворената берза на електрична енергија. Остатокот ќе се продава на отворени аукции.