Смешни и крајно неискрени се намерите на СДСМ со туѓи идеи и закони да се обидува да им се допадне на рударите, реагираат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
-Откако пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден објавија дека веќе е готово законско решение за обезбедување на бенефициран стаж на рударите и истото утре ќе биде поднесено во Собранието на Република Македонија, денес СДСМ очигледно незнаејќи како поинаку да го честита денот на рударите најави дека тие ќе го решеле овој проблем. Свесни дека се ближат локални избори, СДСМ повторно како и на парламентарните избори започнува да се расфрла со ветувања за кои што ниту знаат, а ниту имаат капацитет да ги остварат. Граѓаните нема повторно да наседнат на ефтините политички трикови со кои што се служи СДСМ на секои избори. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време работеа на законско решение за остварување право на пензија за работниците од рударството, со цел воспоставување како единствен услов за остварување право на старосна пензија за вработените во рударството да биде пензискиот стаж со што ќе се овозможи правото на пензија да го остварат порано од останатите категории на работници, стои во соопштението на нивната пратеничка група.
За потсетување, ова законско решение беше и едно од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ во предизборниот период така што законот е веќе готов и утре ќе биде поднесен во собраниска процедура.
-Сметаме дека залуден е апсурдниот обид на СДСМ да се претстави дека работи за рударите превземајќи туѓи идеи и закони. Доколку навистина сакаат да ја подобрат сосотојбата на рударите нека се приклучат и нека го поддржат овој закон. Ситуацијата со правото за остварување на пензија на рударските работници мора час поскоро да биде решена. Затоа, повикуваме наместо СДСМ да одолговлекува со препишување на закони поднесени од ВМРО-ДПМНЕ најдобро ќе биде да го поддржи овој закон кој што утре ќе биде поднесен и без никаков проблем да ги помине сите собраниски процедури со што рударите би го оствариле правото на бенефициран стаж, додаваат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.