
Јапонскиот премиер Шинзо Абе и американскиот претседател Доналд Трамп договорија во вторникот во текот на телефонски разговор дека ќе извршат поголем притисок врз Северна Кораеја откако одново лансираше ракета којашто го прелета североистокот на Јапонија.
Северна Кореја во вторникот утрото во 5,57 часот по локално време лансираше ракета за којашто експертите веруваат дека е со среден дострел. Ракетата прелета повеќе од 2.700 километри и падна во Тихиот Океан на 1.180 киломери од јапонскиот остров Хокаидо. Максималнатата височина којашто ја достигнал балистичкиот проектил изнесувала 550 километри. Проектилот истрелан од областа Сунан близу Пјонгјанг се распаднал на три дела по 14 минути лет.
Ова не е првпат севернокорејска ракета да ја прелета Јапонија, откако во 2009 година, како што тврдеше Северна Кореја лансирала научен сателит со ракетата од типот „Таподон-2“, но е првпат откако на чело на оваа изолирана комунистичка земја во 2011 година дојде Ким Џонг-ун.
Американскиот претседател Доналд Трамп и јапонскиот премиер Шинзо Абе договориле да свикаат итен состанок на Советот за безбедност при ОН за да се разгледаат натамошните акции против Северна Кореја. Претходно во август Советот за безбедност едногласно наметна нови санкции за Пјонгјанг како одговор на лансирањето на две ракети со долг дострел во јули.
„Претседателот Трамп изјави дека САД се 100 процентно со Јапонија“, изјави Абе за новинарите. Потегот на Северна Кореја го оцени како „сериозна и тешка закана, без преседан“, и порача дека тоа претставувало јасно кршење на резолуцијата на ОН.
Јужна Кореја, исто така, го осуди лансирањето. „Силно ќе одговориме на основа на нашето постојано сојузништво со САД, доколку Северна Кореја продолжи со нуклеарните и ракетни провокации“ соопшти јужнокорејското министерство за надворешни работи.
Пентагон го потврди лансирањето на севернокорејската ракета и дека таа ја прелатала Јапонија, но дека не претставувала закана за САД.
„Можеме да потврдиме дека ракетата којашто ја истрела Северна Кореја ја прелета Јапонија. Северноамериканската воздушна команда (NORAD) утврди дека проектилот лансиран од Северна Кореја не претставува закана за Северна Америка“, изјави портпаролот на Пентагон, Роберт Менинг и додаде дека американската армија собира дополнителни информации.