Меркел: Одлуката на Германија да прими огромен број бегалци беше хуманитарен исклучок

Германската канцеларка Ангела Меркел на денешната годишна летна прес-конференција наведе дека одлуката на Берлин да прими стотици илјади мигранти во Германија било хуманитарен исклучок, а не основа на долгорочна стратегија.

Таа изјави дека по таа одлука биле преземени мерки со цел таквиот бегалски бран да не се повтори.

Германската канцеларка предупреди дека одбивањето на бројните земји од ЕУ да примат и распоредат бегалци може да има трајни последици, јави ТАСС.

– Европа не си го сработила домашното (за справување со миграциската криза), Даблинската  регулатива не функционира, не се сите подготвени да учествуваат во системот за распоредување на бегалци, истакна Меркел.

Германската канцеларка нагласи дека „неприфатливо е Европа да пројавува солидарност само кога тоа е во интерес на некој друг. Или сите ќе бидеме солидарни со земјите како што е Италија, или тоа ќе има сериозни последици во иднина, предупреди таа.

– Не можеме да молчиме пред повредување на владеењето на правото во Полска, потенцираше Меркел.

– Владеењето на правото во Полска е сериозна тема. Каква и да е нашата желба за добри односи, добро врски со нашиот сосед Полска, не можеме просто да молчиме и ништо да не кажеме само за се да биде тивко и мирно, посочи германската канцеларка.

На темата за Русија и Украина, Меркел увери дека работи заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и со САД за наоѓање на решение за украинската криза во рамките на Нормандската четворка (Франција, Германија, Русија и Украина).

 – Во вчерашното заедничко соопштение (со Макрон) јасно посочивме дека почитувањето на договорот за прекин на огнот е исклучително важно. Доколку се исполни Минскиот договор ќе бидат исполнети барањата за укинување на санкциите против Русија. Така ќе биде полесно како за руската, така и за германската економија, објасни германската канцеларка.

Меркел рече дека привремената гранична контрола на Германија, што беше одобрена од Европската унија кон крајот на ноември, треба да се продолжи, јави ДПА.

– Иамме потреба од таа гранична контрола, констатираше таа, наведувајќи дека утре ќе разговора со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер во однос на тоа прашање.

По бегалската криза во Европа, неколку држави ја вратија контролата на нивните национални граници во Шенгенската зона за слободно движење, но Европската комисија изјави во мај дека се стреми кон укинување.

Меркел ја осуди како расистичка изјавата на лидерот на националната партија „Алтернатива за Германија“ Александер Гауланд, кој наведе, на адреса на владиниот комесар за интеграција Ајдан Јозогуз, кој има турски корени, дека „можеме од него да се ослободиме во Анадолија“.

Повод за скандал станаа зборовите на Јозогуз: „надворешен јазик не може да идентификува некоја специфична германска култура“.

Меркел, за коментарот на Гауланд, даде критика дека е „расистички и апсолутно треба да биде осуден“.

Гауланд го повлече користењето на изразот „да се ослободиме од него“, но инаку остана зад своите зборови.

Меркел го отфрли тврдењето дека предизборната кампања во Германија е клучна, јави ДПА.

– За мене не е клучна, но е возбудлива и интересна, истакна германската канцеларка, додавајќи дека не се согласува со мислењето дека „една кампања е добра само ако луѓето се навредуваат едни со други“.