
Повеќе од 80.000 луѓе се евакуирани од своите домови во Кобленц и во Франкфурт пред деактивирање на неексплодирани бомби заостанати од Втората светска војна, објавија во саботата локалните власти.
Евакуацијата на околу 60.000 луѓе во Франкфурт којашто сѐ уште е во тек, е најголемата ваква операција во повоена Германија. Во неделата 1,8 тони тешката бомба „HC 4000“ наполнета со 1.300 килограми експлозив ќе биде деактивирана во густо населената франкфуртска населба Вестенд. Таа бомба ја фрлиле пилотите на британското Кралско воено воздухопловство (RAF).
Истовремено во Кобленц траат последните подготовки за деактивирање на 500 килограми тешката бомба којашто е пронајдена во текот на работите на градење детска градинка. Контролираната експлозија ќе се изведе во саботата доцна попладнето. Околу 21.000 луѓе во радиус од еден километар од локацијата на бомбата морале да ја напуштат таа област.
Експертите проценуваат дека речиси четвртина од милион бомби кои на Германија ги фрлиле авијациите на сојузничките сили не експлодирале поради технички грешки.
Германските власти се под притисок дека мора да ги отстранат неексплодираните бомби од населените области, бидејќи стручњаците предупредуваат и тврдат дека бомбите со текот на времето стануваат сé поопасни поради заморот на материјалот.
Пронаоѓањето на неексплодираните авионски бомби од Втората светска војна е речиси вообичаено во Германија, врз којашто сојузничките западни и тогашните советски сили фрлиле милиони тони бомби кон крајот на војната. Секоја година во Германија се неутрализираат по околу 5.500 неексплодирани бомби и други експлозивни средства.
Неексплодираните бомби заостанати од сојузничките бомбардирања на тогашна нацистичка Германија кон крајот на Втората светска војна, често се наоѓаат во германските градови при градежни работи или одржување на инфраструктурата. Поради тоа, многу локални власти имаат специјални екипи задолжени за нивно откривање и безбедно детонирање.
Вкупно врз Германија за време на Втората светска војна биле фрлени повеќе од два милиона бомби, од кои меѓу 5 и 20 отсто, односно најмалку 100.000 не експлодирале. На неколку месеци, некогаш и почесто, при изведување градежни работи се откриваат вакви експлозивни направа. Вообичаено, властите објавуваат дека ниедна од нив не претставува реална закана за безбедноста на луѓето, и по неколку часа се неутрализирани.
Несреќен случај е забележан само во јуни 2010 година, кога експлодираше бомба од 500 килограми кај Гетинген, кога загинаа три а беа повредени две лица.
Најмногу бомби во Втората светска војна се фрлени врз германската престолнина Берлин – повеќе од 68.000 тони, Хамбург – 45.000 тони , како на територијата на Рурската обакст – 162.000 тони.