Новиот руски амбасадор го опиша „топлиот“ состанок со Трамп

© REUTERS/Max Rossi

Новиот руски амбасадор во САД, Анатолиј Антонов во петокот му ги предаде акредитивите на американскиот претседател Доналд Трамп истакнувајќи дека Москва смета на подобрување на руско-американските односи, а церемонијата на презентирање на акредитивните писма одржана во Белата куќа, којашто според американската практика е традиционално од затворен тип ја опиша како топла, пријателска и конструктивна средба, пренесуваат руските агенции.

„Претседателот Доналд Трамп само што ме прими, ги предадов акредитивите. Реков дека со радост очекуваме подобрување на односите меѓу нашите две земји“, изјавил амбасадорот Анатолиј Антонов, кој од пред извесно време престојува во Вашингтон, а отсега може целосно да ја извршува својата должност.

„Претседателот Трамп ме прими топло и пријателски… атмосферата беше многу срдечна, конструктивна и со добредојде. Тоа барем беше моето лично чувство. Ние, заедно со неговите колеги, неговиот персонал, се согласивме да ја продолжиме соработката“, додал Антонов, пренесе агенцијата РИА.

„Реков дека се радувам што ќе работам со американската влада во областа на руско-американските заеднички интереси. И реков, дека што се однесува до Русија, подготвени сме тоа да го сториме, подготвени сме да преземеме конкретни мерки“, додал дипломатот.

Одговарајќи на прашањето на дописникот на агенцијата ТАСС дали може да се верува во искреноста на Стејт департментот дека САД не сакаат повеќе да разменуваат со Русија дипломатски ноти, Антонов изјавил дека би сакал да верува во намерата да не се предизвикуваат кризи и да се преземаат казнени мерки во дипломатските односи меѓу двете сили.

„Навистина би сакал да верувам дека тоа ќе биде навистина реализирано со конкретни дела. Познато ви е дека претседателот Трамп еднаш во врска со еден меѓународен настан рече ‘ќе видиме’. Може јас денеска да ги искористам тие зборови и да кажам ‘ќе видиме’“, одговорил Антонов.

Неговото именување се случува во длабока криза на дипломатскит односи меѓу Москва и Вашингтон, со протерување на стотици дипломатски претставници и запленување и проверка од американските раузнавачки служби на повеќе руски дипломатски претставништва на САД, за што Москва остро реагираше дека се нарушуваат меѓународното право и дипломатскиот имунитет и се закани со реципрочни мерки.

„Недвосмислено можам да кажам дека од наша страна нема никакви проблеми. Апсолутно нема никаква желба од наша страна за продлабочување (на дипломатската криза –з.р). Ние се залагаме за подобрување на билатералните односи, сакаме нашите односи да бидат доверливи, со заемно почитување, рамноправни и, се разбира, во заемна полза“, додал новиот руски амбасадор во Вашингтон.

Антонов ја презема должноста амбасадор од Сергеј Кислјак, кого контактите со членовите на изборната кампања на Доналд Трамп го направија централна личност во спорот околу наводно руско влијание на минатогодишните американски претседателски избори.

Специјалниот обвинител и конгресните комисии ги истражуваат наводите за наводното мешање на Русија во изборите, како и дали членовите на кампањата на Трамп имале несоодветни контакти со лица поврзани со руската влада. Москва ги отфрла ваквите обвинувања како неосновани и без никакви докази, и ги смета за резултат на антируска хистерија кај одредени кругови во Вашингтон и одраз на борбата на внатрешната политичка сцена во САД.

Анатолиј Антонов, роден 1955 година, е дипломат по образование и пред да биде испратен во Вашингтон беше заменик министер за надворешни работи. Во периодот од 2011 до 2016 година беше заменик министер за одбрана во времето кога црноморскиот полуостров Крим по референдумот на мнозинското руско и рускојазично населени изгласа враќање на укината автономија и присоединување на Руската Федерација, што Западот го смета за нелегална руска анексија на украинска територија.

Пред две години Европската унија го стави Антонов на листата руски функционери кои се под санкции поради ситуацијата во Украина, наведувајќи го неговото поддржување на наводното распоредување на руски сили во Украина.