СЕХА Лига: Вардар рутински против Мешков Брест

Секогаш непријатниот Мешков Брест не беше дораснат противник кој може на негов терен да го изненади европскиот, регионалниот и македонски шампион Вардар кој рутински во петокот со 31:23 (17:14) ја забележа третата победа во серија во СЕХА Лигата задржувајќи го целосниот ефект по трите кола во новата сезона.

Уште на почетокот од дуелот во спортскиот центар „Јане Сандански“, ракометарите на Вардар го наметнаа ритамот укажувајќи дека сакаат без дополнителни напори да ја забележат новата победа во регионалното натпреварување во кое по откажувањето на унгарски Вепсрем, реално, тешко дека оваа сезона ќе имаат достоен противник.

Сепак, играчите на Мешков Брест не се предаваа и успеваа во текот на поголемиот дел од првото полувреме да го одржуваат резултатскиот приклучок со заостанување од само три гола. Вардар најголемата предност од плус 4 (9:5) на средината од првиот дел, а неколку минути пред крајот Мешков успеа да се доближи до само еден гол разлика (14:15), но сепак со головите на Кристопанс и Дибиров „црвено-црните“ заминаа на одмор со солидна предност од 17:14.

Раул Гонзалес второто полувреме го започна со две засилувања во поставата од првите 30 минути, откако на голот го стави Арпад Штербик, а Хорхе Македа на позицијата десен бек го земени Дианис Кристопанс. Штербик со серијата одбрани ги запре нападите на Брест, а во нападот Шишкарев и Дибиров преку брзите контри на 10 минути пред крајот ја донесоа предноста од шест голови (25:19). Сигурната игра во одбраната и брзите противнапади придонесоа разликата на Вардар да се зголемува до плус 9 (29:20), а крајниот резултат гласеше 31:23.

Поради повреди од тимот на овој натпревар изостанаа стандардните првотимци Лука Циндриќ и Рожерио Мораеш, а најрасположени кај Вардар беа Вуко Борозан со 6, Иван Чупиќ со 5 и Тимур Дибиров со 4 голови.