Трамп и Ердоган разговараа за регионалната стабилност

Американскиот претседател Доналд Трамп разговарал во саботата ноќта со својот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган за соработката меѓу двете земји поради „јакнењето на регионалната безбедност“, соопшти Белката куќа.

„Претседателот Доналд Трамп акцентот го стави на заедничкото залагање на Соединетите држави и Турција за соработка за да се зајакнат регионалната стабилност“, се истакнува во кусото соопштение на Белата куќа.

Белата куќа не соопштува други поединости од телефонскиот разговор меѓу двајцата челници до кој доаѓа во период на влошени односи меѓу Анкара и Вашингтон, сојузници во НАТО, уште во периодот на претходниот американски претседател Барак Обама, во прв ред поради одлуката на САД да ги вооружат милициите на сириските Курди кои Турција ги смета блиски на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), поради борба со радикалната групација Исламска држава.

„Истакнувајќи го стратешкото партнерство меѓу Турција и САД, двајцата лидери ја истакнаа важноста од продолжување на соработката за натамошно зајакнување на билатералните односи и зголемување на стабилноста во регионот“, се вели во соопштението од кабинетот на турскиот претседател.

Трамп и Ердоган, исто така, се согласиле да се сретнат подоцна во септември во Њујорк во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации кое започнува на 19-ти септември, се додава во соопштението на Анкара. Претходно Ердоган изјави дека ќе се сретне со Трамп во Њујорк, „доколку има можности“ за тоа.

Телефонскиот разговор е воден ден откако турскиот челник Ердоган ги осуди неодамнешните обвиненија на американските обвинители против поранешниот министер за економија Зафер Чаглани и уште неколку функционери во владата на Ердоган додека овој уште беше премиер, обвинувајќи го за кршење на санкциите против Иран, повикувајќи го официјален Вашингтон да го преиспита овој потег. Турскиот претседател ја осуди „политичката“ одлука насочена „против Турција“.

Турција, покрај тоа, повеќепати безуспешно бараше екстрадиција на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, кого го обвинува дека стои зад неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година и за создавање тајна мрежа и паралелна држава во сите сегменти на турското општество. Приврзаниците на Ѓулен Анкара ги прогласи за терористичка групација.