Се укинува наградата Национален уметник

Собраниската Комисија за култура на продолжението на втората седница денеска со шест гласа „за“ и четири гласа „против“ го усвои Предлог-законот за престанување важењето на Законот за национален уметник на Република Македонија, во прво читање.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски посочи дека со Законот се прави нерамноправен третман меѓу уметниците, како и меѓу уметниците и другите вработени во културата и посочи дека државата треба да прави напори за да обезбеди еднакви услови за сите, а не да фаворизира едни или други.

– Сакаме да воведеме принцип на еднаквост, вклученост и фер третман кон сите. Во критериумите за добивање на оваа титула авторите треба да покажат дека добиле државни награди коишто и самите имаат паричен облик од 15 или 20 просечни плати. Да не создаваме однос во кој само едни избрани преку комисијата се стимулирани. Сакаме да воведеме системски начин на стимулирање на уметничкото творештво и почитување и соодветно наградување на авторскиот труд без да создаваме како политичари арбитрарни аргументи зошто одредени уметници треба да добиваат материјални поттици, а други не, изјави министерот Алаѓозовски.

Посочи дека дебата во јавноста „за“ или „против“ има, така што ова не е закон што се носи со акламативно прифаќање од јавноста и фелата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ и поранешна министерка за култура Елизабета Канческа Милевска посочи дека наместо да се разговара за нови и подобри критериуми, се зборува за укинување на наградата и нагласи дека во јавноста немало дебата за овој предлог како што имало пред донесувањето на Законот поради што побара да има јавна дебата.

Претседателката на Комисијата, Ирена Стефоска, рече дека бидејќи се носи национална стратегија за култура, да не се прави парцијално, туку да се направат серија јавни расправи каде како една од темите ќе биде и овој проблем.

– Во процесот на читање на законот и понатаму можеме да поканиме неколкумина уметници да кажат свое мислење. Деловникот предвидува и ќе бидат поканети меѓу прво и второ читање, рече Стефоска.

Од донесувањето на Законот до денес со оваа титула се стекнале уметниците Симон Трпчески, Есма Реџепова, Борис Трајанов, Ана Дурловска и Никола Маџиров. Со овој Предлог-закон се укинува само наградата, а на националните уметници кои веќе се стекнале со ова право тоа ќе им биде продолжено.